Снежната бура во САД досега одзеде 19 животи

Фото: Miguel Ángel Sanz on Unsplash

Најмалку 19 лица загинаа во САД како последица на огромната снежна бура што ја зафати оваа земја. Под мраз се околу 200 милиони американски граѓани за време на божиќните празници. Снабдувањето со струја во некои од американските држави е отежнато, па така 1,5 милиони жители останаа без електрична енергија. Невремето ги погоди и јужните делови на САД, но најопасни временски услови има во северните сојузни држави и во Канада, пренесува Би-би-си.

Стотици илјади жители на Канада од Онтарио и Квебек се без напојување со електрична енергија поради арктичкиот студ. Во американскиот град Бафало се очекуваат снежни врнежи до 89 сантиметри, додека температурите во Елк Парк во Монтана се спуштија до -45 целзиусови степени.

Над 5.900 летови во САД беа откажани во петокот како последица на снежната бура и ниските температури, а бројот на откажани летови денеска изнесува 1.200. Патниот сообраќај е отежнат низ делови од САД. Во Сиетл и Портланд во северозападниот дел на земјата временските неприлики предизвикаа замрзнување на патиштата. Снежните врнежи и мразот предизвикаа сообраќајни несреќи, при што во само еден судар во државата Охајо загинаа четири лица.

Во Њу Џерси и Њујорк истовремено се регистрирани поплави како резултат на силните врнежи од дожд изминативе денови. Истовремено, рекордно ниски температури изминативе денови беа регистрирани во градовите Денвер, Нешвил, Каспер и Вичита во четири различни сојузни држави, со кои беа соборени претходните најстудени денови регистрирани изминативе децении.