Протест против сообраќајното насилство: „Отворете ги очите и белите линии на пешачкиот премин нека бидат аларм дека овде минува живот“

Фото: Принтскрин Фејсбук Леонид Даов

Со слоганот „Стоп за сообраќајното насилство“, роднините, пријателите и познаниците на трагично загинатата Викторија Николова од Радовиш, со транспаренти и облечени во црни маици на кои беше отпечатена фотографија на загинатата 24 годишната девојка одржаа протест на крстосницата пред Сити Мол.

„ Да не бидете како нас, празна гора без дрвја, отворете ги очите и белите линии на пешачкиот премин нека бидат аларм дека овде минува живот, како помина и замина нашата Викторија“, изјави Лилјана Николова, сестра на Викторија.

Адвокатот на семејството Николови, Владимир Михаловиќ нагласи да се почитуваат сите сообраќајни знаци затоа што пешаците во земјава се загрозени.

„За жал категоријата на граѓани кои се жрви на сообраќајни несреќи, особено како пешаци се најчесто млади или студенти и повозрасните како пензионери. Целта е свеста и совевеста на возачите да биде на многу поголемо ниво за ова масакрирање низ улиците на Македонија конечно да престане“, рече адвокатот.

Присутните  кои носеа транспаренти со пораки „Застани и пропушти, не убивај“, „Викторија можев да бидам јас или твојата ќерка“, „Сакаме слободно движење на пешачки премин“, „Биди совесен возач“, „Пешачки премин е 0 Зона“ на местото на несреќата запалија и свеќи во сеќавање Викторија.

Таа загина вечерта на 20 јануари кога со БМВ џип ја прегази Ј. Ѓ. (1999) од Скопје, а нејзиното момче Л.Д. (1997) од Радовиш беше полесно повредено.

Изминатава недела во Скопје загинаа тројца пешаци минувајќи на пешачки премин. Податоците од Основниот кривичен суд за периодот од 2017 до крајот на 2021 година кои ги истражи Вистиномер.мк говорат дека од вкупно донесени 69 пресуди за сообраќајни незгоди со смртен исход, во 35 на лицето што ја предизвикало сообраќајката му била изречена условна пресуда. Во само три случаи била изречена казна од четири години затвор.