Охрид: Вечер на виртуозите Дамјан Пејчиноски и Емир Хот

Претстојниот викенд, во Охрид ќе гостува популарниот рокер и метал-гитарист од Босна и Херцеговина, Емир Хот, кој ќе настапи заедно со охриѓанецот Дамјан Пејчиноски.

Големиот музички настан е закажан за недела навечер, во клубот „Џез ин“ во Охрид. Публиката ќе може да ги види и слушне во живо Емир Хот, гитарист од метал-сцената, познат не само на Балканот, туку и во Европа, и Дамјан Пејчиноски, докажан македонски гитарист, кој лично од Влатко Стефановски е именуван за еден вид негов наследник.

Емир Хот е образован музичар, кој го стекнал образованието во музички училишта во Тузла и во Лондон. Бил член на неколку рокерски метал-групи. Издавањето на албумот „Deserted Land“ со групата „Нион најтс“ му донело голем број настапи и турнеи низ Европа.

Дамјан Пејчиноски, по потекло од Охрид, реализирал настапи низ светот. Има потпишано договор со ПРС (Paul Reed Smith), кои специјално за него изработија гитара. Професор е по музика во Скопје.