Грчките партии кажаа „не“, владата нејасно „можеби“ за Илинденска Македонија

Сите политички лидери кои телефонски ги информирал и ги консултирал грчкиот премиер Алексис Ципрас изразиле несогласување со предлогот Република Илинденска Македонија како можен компромис за деценискиот спор околу името.

За лидерите на Нова демократија, Пасок, Потами и за другите помали партии, предлогот е неприфатлив и поттикнува иредентизам.

Со кусо и воопштено соопштение се огласи грчката влада.

Во него се вели „го поздравуваме тоа што од страна на БЈРМ е прифатено дека решението на проблемот со името не може да има без ерга омнес, односно употреба на новото име насекаде и од сите“.

Грчката влада повика „да се продолжи со соработка во барањето на заедничко прифатливо име со временска или географска одредница“ и потсети дека секое решение подразбира и промена на Уставот.