fbpx

Анкета на ИРИ: ВМРО-ДПМНЕ со поголем рејтинг од СДСМ, државата оди во погрешен правец

-

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 19 отсто од граѓаните има најголем рејтинг меѓу партиите и би победила на парламентарните избори во земјава, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведена од 23 септември до 13 октомври годинава. Анкетата спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.207 испитаници, покажува дека владејачкиот СДСМ има поддршка од 11 отсто од граѓаните.

На прашањето „Доколку парламентарните избори би се одржале претстојната недела, за која партија би гласале?“, најголем дел од граѓаните – 21 отсто сепак одговориле дека не знаат за кого да гласаат. Воедно, 12 отсто од граѓаните рекле дека нема да излезат на денот на гласање, додека 7 отсто одбиле да одговорат на анкетата.

По ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, третопласирана партија е ДУИ, која има поддршка од 7 отсто од електоратот во земјава. Левица има поддршка од 6 отсто, додека за Алијанса за Албанците би гласале 5 отсто од граѓаните. За БЕСА на парламентарните избори би гласале 4 отсто од анкетираните лица, додека другите помали политички партии имаат поддршка од 5 отсто.

Анкетата на ИРИ покажува дека поранешниот премиер Никола Груевски е најпопуларен политичар со 7 отсто поддршка од граѓаните, пред Христијан Мицкоски и Али Ахмети кои имаат поддршка од 6 отсто и премиерот Димитар Ковачевски со поддршка од 5 отсто. Сепак, високи 38 отсто од анкетираните лица одговориле дека ниту еден политичар во земјава не им е омилен.

 

Мнозинството испитаници сметаат дека земјата се движи во погрешна насока

На прашањето за насоката на движење на земјата, само 13 отсто од македонските граѓани одговориле дека земјата се движи во вистинска насока, додека 58 отсто од анкетираните лица одговориле дека се движи во погрешна насока. Дваесет и осум проценти од испитаниците биле неутрални.

„Со зголемувањето на инфлацијата и цената на електричната енергија и другите економски предизвици со кои се соочува Северна Македонија во моментов, нашите податоци покажуваат дека луѓето не веруваат дека земјата се движи во вистинската насока“, рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.

„Креаторите на политики на национално ниво ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да ги сменат овие бројки“, вели тој.

Анкетата на ИРИ од годинава како никогаш претходно од 2010 година до денес вади огромен процент од 58 отсто од граѓаните кои сметаат дека земјата се движи во погрешна насока. Притоа, резултатите покажуваат дека за високи 31 отсто од граѓаните најголем проблем во земјава се високите цени, додека 29 отсто од анкетираните одговориле дека најголем проблем е сиромаштијата и нискиот животен стандард.

Економската ситуација ги загрижува 25 отсто од граѓаните, додека 21 отсто од лицата на анкетата на ИРИ рекле дека ниските плати и пензии и нивното неисплаќање се главен проблем во земјава. Огромен скептицизам кај 56 отсто од граѓаните има и за македонската економија во наредните две години, при што анкетираните лица сметаат дека економската состојба ќе се влоши. Квалитетот на живот кај граѓаните опаѓа, па за првпат од 2010 година, на годинешната анкета мнозински 53 отсто од анкетираните лица рекле дека нивниот квалитет на живот опаднал.

 

За зачленување во ЕУ поддршка од 73 отсто

На прашањето „Дали поддржувате Северна Македонија да стане членка на ЕУ?“, 73 отсто од граѓаните во земјава одговориле позитивно на ова прашање, додека 24 отсто не го поддржуваат членството во ЕУ. Македонските граѓани на анкетата на ИРИ исто така со големо мнозинство од 72 отсто го поддржуваат членството на земјава во НАТО. Иако членството во НАТО и ЕУ годинава има намалена поддршка во споредба со лани, сепак ваквите позитивни ставови за европската и евроатлантската интеграција на земјава не се разликуваат во многу во однос на просекот од претходните мерења што ги правел ИРИ од 2010 година до денес.

Забележливо во анкетата на ИРИ е дека поддршката за Турција и Кина како странски фактори е зголемена во споредба со претходно. На прашањето „Која од земјите најмногу ги помага македонските национални интереси?“, 22 отсто од граѓаните одговориле Турција, додека 21 отсто ја избрале ЕУ. Германија како опција ја одбрале 15 отсто од анкетираните лица, додека САД ја избрале 10 отсто од граѓаните. Русија и Кина како опција ја одбрале по 4 отсто од македонските граѓани.

Во однос на прашањето за довербата на граѓаните кон институциите, резултатите од анкетата на ИРИ покажуваат дека мнозинството од граѓаните (минимум 50 отсто од нив) имаат целосна или делумна доверба во банките, образовните институции, локалната самоуправа, јавните здравствени установи и полицијата. Наспроти ова, само 7 отсто од граѓаните имаат целосна доверба во владата, додека 21 отсто од нив имаат делумна доверба во извршната власт. Исто така, мали 8 отсто од анкетираните одговориле дека имаат целосна доверба во опозицијата, како и скромни 25 отсто од граѓаните рекле дека имаат делумна доверба во опозицијата.

 

Слаба довербата во медиумите, судството, парламентот, а најслаба таа во обвинителството

Лоши резултати во поглед на довербата имаат и медиумите, судството и парламентот, а најниска доверба има обвинителството. Само 3 отсто од граѓаните на анкетата рекле дека имаа целосна доверба во јавното обвинителство, додека 4 отсто од лицата на анкетата на ИРИ рекле дека целосно му веруваат на судството.

На прашањето дали владеењето на правото постои во земјава, само 5 отсто од граѓаните рекле дека силно се согласуваат оти постои владеење на правото, а скромни 28 отсто делумно се согласуваат со оваа констатација. Проблем за нашата земја е и констатацијата на само 51 отсто од граѓаните дека демократијата е најдобрата форма на владеење со нашата земја, додека преостанатите граѓани прашани на анкетата не се согласиле со ваквото тврдење.

Анкетата е спроведена во име на ИРИ од фирмата за истражување на пазарот Брима. Податоците се собрани со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Бил анкетиран национално репрезентативен примерок од 1,207 испитаници на возраст од 18 години и повеќеПодатоците се пондерирани според возраст, пол, регион, населеното место (урбано/рурално) и етничката припадност. Маргината на грешка е ± 2.8 поени на ниво на доверба од 95 отсто. Стапката на одговор е 69 отсто.  

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...