Хан: Заев и Ципрас покажаа храброст, визија и државништво

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, вчерашната средба помеѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас на „Твитер“ ја оцени како многу добра вест.

„Средбата помеѓу Алексис Ципрас и Зоран Заев е многу добра вест. Покажува храброст, визија и државништво. Решавање на долгогодишниот спор ќе биде добро за двете земји, регионот и Европа“, напиша Хан.

Заев и Ципрас вчера на маргините на Светскиот економски форум во Давос порачаа дека крајното решение за спорот со името мора да биде прифатено од двете страни и дека силно се посветени на мерките на градење доверба.

Заев потенцираше дека Македонија нема територијални претензии кон Грција и за да го докаже тоа ќе ги смени имињата на аеродромот „Александар Велики“ и автопатот „Александар Македонски“ кој ќе се вика „Пријателство“.