Охридско Езеро денеска беше порибено со 100.000 пастрмки, а оваа количина е дел од вкупно планираните 2.500.000, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Порибувањето почна на 11 септември и ќе се спроведува до првата половина на октомври. Вкупната финансиска поддршка за годинешната Програма за рибарство и аквакултура изнесува 90 милиони денари.
„Во насока на заштита и одржување на рибниот фонд, како и заради планско експлоатирање на рибите, а во согласност со Законот за рибарство и аквакултура, рибите од риболовните води од Охридското Eзеро се доделени на концесија. Со оглед на тоа дека концесијата за вршење стопански риболов на сегашниот концесионер за Охридско Eзеро истекува наредната година, на почетокот на 2018 година е предвидено започнување на постапка за доделување на нова концесија за наредниот шестгодишен период“, се вели во соопштението на МЗШВ.