„Викиликс“ објави упатства на ЦИА

Интернет-страницата „Викиликс“ објави два доверливи документа со упатства за агентите на ЦИА, како, додека се на тајна задача, да ги „заобиколат“ безбедносните системи на меѓународните аеродроми, вклучувајќи ги и оние на ЕУ.

Првиот документ, кој датира од септември 2011 година, ги советува оперативците како да се однесуваат при засилени контроли на аеродромите, кои предвидуваат претресување и детално испитување. Во упатството се посочува важноста за доследното и уверливо играње на извежбаната улога, како и постоењето лажен профил на интернет.

Во вториот документ, кој потекнува од јануари 2012 година, детално се претставени процедурите за погранични контроли во Шенген-зоната и различните мерки за електронска безбедност, вклучувајќи го шенгенскиот информациски систем и датотеката за отпечатоци од прсти „ЕУРОДАК“.

Според основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, документите се доказ дека ЦИА, и под администрацијата на претседателот Барак Обама, „и понатаму планира да се инфилтрира преку границите на ЕУ и да води тајни операции во земјите од ЕУ“.