Шврговски ќе му биде адвокат на Мијалков во предметите на СЈО

Поранешниот државен обвинител Љупчо Шврговски ќе му биде адвокат на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, во неколку предмети на СЈО – „Таргет“, „Тврдина“, „Трезор“ и „Тортура“, потврдил Шврговски за телевизија „Телма“.

Одбраната на обвинетите од СЈО ќе се дополни и со други познати адвокатски имиња, но засега никој официјално не ја потврдува информацијата дека Никола Додевски, кој досега ги застапуваше речиси сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, повеќе нема да биде нивен бранител во предметите на СЈО.

Шврговски вели дека во конкретните предмети влегува на местото на Додевски, но нема информација дали неговиот колега нема да ги брани и другите функционери на ВМРО-ДПМНЕ. И другите адвокати од тимот на Додевски денеска велат дека немаат информации и не сакаа да коментираат. Додевски претходно беше повикан за сведок во случајот „Талир“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

„Талир“ и „Таргет“ се дел од истрагите што деновиве ги привршува СЈО и се повикуваат сведоци и осомничени. Поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, денеска вторпат не дојде на распит за овој предмет поврзан со незаконско финансирање на партијата.