Димитриев: Македонија да се надмине себеси и политичката криза

Премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев, од велигденската богослужба во храмот „Свети Никола“ во Штип повика на обединување, духовно смирување и на разум на сите Македонци дома и во дијаспората.

– Посакувам овој празник да донесе кај сите семејства повеќе љубов и разбирање и со оние што можеби имале недоразбирање во минато. Да надвладее разумот и позитивната мисла во овие тешки моменти за Република Македонија. Овој празник дојде во вистинско време и се надевам дека по празнувањето и по духовното исполнување на нашите души, кое го имавме во нашите цркви и манастири, Република Македонија ќе се надмине самата себе и овој проблем и оваа криза што ја имаме и дека ќе запловиме во едни мирни води – изјави Димитриев.

Со повик за духовно обединување, празникот го честита и митрополитот брегалнички Иларион.