Шилегов: Каде е заглавена кривичната пријава за братот на судијата Ивановски?

Против Илија Ивановски, брат на судијата во Уставниот суд, Никола Ивановски, во 2013 година е поднесена кривична пријава што е потврда дека партиските послушници во Уставниот суд немаат морален кредибилитет да одлучуваат законски и непристрасно, велат од СДСМ.

– Кривичната за Ивановски е поднесена за неовластено организирање комар или друга игра на среќа што е забранета, кое е кривично дело. До денеска, иако поминаа три години, за оваа кривична пријава не се знае ништо. Каде е заглавена кривичната пријава за Ивановски три години? Јавноста со право прашува дали намерно се држи во нечија фиока кривичната пријава за да се испорачуваат партиски налози од ВМРО-ДПМНЕ – вели Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Шилегов рече дека денеска во 18 часот граѓаните масовно ќе излезат на протест за одбрана на правдата, во одбрана на вистината, во одбрана на уставниот поредок во Република Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува судири со најавените контрапротестанти, Шилегов рече дека СДСМ повикува на мирен и достоинствен протест.

– Ова е во најмала рака смешно што го прави ВМРО-ДПМНЕ пред Уставниот суд во текот на денешниот ден. Нема да нè поколеба ниту нас, ниту граѓаните да го искажеме својот револт и да ја кажеме нашата заложба за владеење на правото и правната држава. Во оваа држава мора да има ред, во оваа држава мора да има закон. За криминалот мора да се одговара – додаде Шилегов.