СДСМ на работните групи денеска треба да им достави предлог-закон за медиуми

Работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, денеска нема да одржат средба. Како што дознаваме, денеска СДСМ треба до другите политички партии да достави предлог-закон за медиуми.

Предлог-законот што го подготвува СДСМ треба да ги содржи предлозите и забелешките што белгискиот олеснувач Питер Ванхауте ги презентираше кон средината на декември.

Според нашите информации, нема поместување во преговарачките позиции на партиите за двете спорни прашања – прочистувањето на избирачкиот список и реформата во медиумите.

Минатата недела на работните групи, СДСМ на владејачката партија ѝ понуди да ги повлече забелешките што ги има за методологијата за прочистување на избирачкиот список ако ВМРО-ДПМНЕ се согласи да ги прифати предлозите на меѓународната заедница за реформи во медиумите.

Средбата на работните групи со Ванхауте се очекува да се одржи утре, откако партиите ќе имаат доволно време да го разгледаат предлог-законот подготвен од СДСМ.