Хрватска доби нова влада

По 14 часа долга расправа, хрватскиот Сабор ја изгласа новата влада, а нов мандатар е Тихомир Орешковиќ. Досегашниот премиер Зоран Милановиќ му посака успех во работата.

– Господинот Орешковиќ го доби мандатот, му посакувам сè најдобро. Нема да му биде едноставно, полесно е од пред четири години, но не и поедноставно – изјави Милановиќ.

По примо-предавањето на власта, новиот премиер истакна дека негов фокус е иднината, а не минатото и дека со неговиот тим се подготвени за работа.

– Ќе имаме време да се запознаеме. Не сум политичар, но се надевам дека некои работи ќе ги научам. Граѓаните се најдобар индикатор, тука сум заради нив, подготвен сум да се жртвувам и да прифатам предизвик. Ако можам да му помогнам на хрватскиот народ, тука сум – изјави Орешковиќ.

Ова е 13. по ред влада на Хрватска. Во Саборот ја поддржале 83 пратеници, против гласале 61, а пет биле воздржани.