Брисел: Оградата не е идеално решение

Европската комисија смета дека градењето огради не е решение на проблемот со нелегалното минување на границата.

– Повеќепати ја објаснивме помошта што ЕУ ѝ ја дава на поранешната југословенска Република Македонија. Ги имаме податоците. Не станува збор дека не ѝ даваме помош. Знаеме дека е таму ситуацијата тешка, но, како што рековме, не сметаме дека оградите се идеален одговор на таквата ситуација. Тоа што треба да го направиме е потесно да соработуваме во соочувањето со кризата – рече на прес-конференција портпаролот на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на министерот Никола Попоски за можно подигнување ограда на границата со Грција.

Попоски во интервју за унгарскиот весник „Фиѓело“ изјави дека на Македонија ѝ е потребна физичка заштита поради нелегалното минување на границата, а како краткорочно решение на проблемот го посочи градењето ограда или испраќањето војска, или, пак, комбинација од двете.