76 загинати во падот на бразилскиот авион со фудбалери

Колумбиската полиција соопшти дека 76 лица загинале во падот на авионот што ги превезуваше фудбалерите на бразилскиот клуб „Шапикоенсеа“.

Директорот на полицијата, Хозе Асеведо Оса, истакна дека пет од вкупно 81 патник преживеале, а акцијата за спасување е запрена поради силните врнежи на дожд. Тој соопшти дека едно лице починало во болница.

Од службата за следење на цивилна авијација не ја потврдуваат оваа проценка, но велат дека е невозможно да се негира дека има голем број загинати при падот на авионот.

Авионот со 81 патник и членови на екипажот кој патувал од Барзил кон Колумбија се урна во близина на градот Медељин.

Причината за падот сè уште се утврдува иако има сомневања дека до трагедијата дошло затоа што во авионот снемало гориво.

Во авионот се наоѓале 72 лица и девет членови на екипажот. Колумбиските медиуми пренесуваат дека во авионот се наоѓале 22 фудбалери, осум функционери на клубот, тројца гости и 21 новинар.

Авионот тип „аероспејс 146“ полетал од Сао Паоло во Бразил, имал едно застанување во Санта Крус де ла Сијера во Источна Боливија, од каде се упатил кон Колумбија.