Нова мапа ќе ги лоцира сите загадувачи од индустријата во целата земја

Фото: Anne Nygård на Unsplash

Нова мапа на загадувачи, ќе им помогне на граѓаните да ги лоцираат индустриските капацитети во нивната околина кои може да се причина за лошиот квалитет на воздухот. Веб страната www.mapanazagaduvaci.mk , изработена од еко-активистот Горјан Јовановски од „Мој воздух“, во соработка со здружението „Зелен институт“, од неодамна е пуштена како пилот-верзија и на неа веќе се поставени педесетина капацитети што се лоцирани во Скопје. Мапата се уште се изработува и официјално ќе биде промовирана на крајот на месецот, кога ќе бидат објавени податоците за сите индустриски капацитети во Скопје.

Целта на мапата на загадувачи, како што посочува Лилјана Поповска од Зелениот институт, е да се интензивира соработката на граѓаните и инспекторите за животна средина. Таа е направена е со помош на холандската фондација Биро де Хелинг и во континуитет во иднина ќе се надградува и ќе се поставуваат нови податоци и информации.

„Откако ќе завршиме со лоцирањето на потенцијалните загадувачи од индустријата во Скопје, ќе продолжиме со пополнување на мапата за сите градови во земјата. На неа ќе се најдат индустриските капацитети кои имаат А и Б интегрирани дозволи, но и оние кои работат со елаборати одбрени од Министерството за животна средина или од локалните самоуправи. Целта е граѓаните да добијат ефикасна алатка за информирање и секогаш кога ќе се соочат со загадување на воздухот, водата или почвата во нивната околина, да знаат најприближно од каде може да доаѓа. Така ќе можат најпрецизно да ги известат инспекторите за животна средина и да им помогнат побрзо и поефикасно да ги идентификуваат загадувачите. Практично, граѓаните ќе станат еден вид неформални инспектори. Мапата, исто така, треба да биде предупредување и за капацитетите да знаат дека нивните дозволи и документи се под лупата на јавноста“, вели Поповска.

Во текот на разгледувањето на еколошките дозволи тимот на Зелениот институт, као што посочува Поповска, откри бројни неправилности и недоречености, за кои ќе бидат информирани надлежните институции, но и компаниите кои ќе треба да си ја апдејтираат својата документација.

Државниот инспекторат за животна средина веќе учествува во изработката на мапата, како извор на официјални податоци од еколошката документација на индустриските капацитети. Мапата, преку дигитализирање на оваа документација, ќе ги направи податоците достапни за пошироката јавност. На веб страната индустриските капацитети се лоцирани на местото каде што работат и се сортирани по општини, заради поголема прегледност, но и по дејноста која ја вршат. Секој индустриски објект е лоциран со основните податоци, името на фирмата, дејноста, капацитетот, горивото кои ги користи во процесот на работа, како и координатите каде што е лоциран.

Според екологистот и автор на веб страната, Горјан Јовановски, таа содржи и временска рамка од 11 години во која може хронолошки да се следи издавањето на А и Б интегрираните дозволи.

„Големите капацитети сите ги знаеме, па кога од нивна близина ќе се појави загадување граѓаните логично претпоставуваат дека се работи за нив, но всушност треба да знаат дека до нив има и десетици помали кои исто така се загадувачи, но тие досега не биле свесни за нивното постоење. Мапата ги лоцира сите, така што граѓаните ќе можат со поголема прецизност да утврдат кој е загадувачот во нивната средина“, вели Јовановски. Тој посочува дека една од алатките која ја нуди мапата е и опцијата пријави, преку која граѓаните ќе можат до Државниот инспекторат да поднесат пријава за загадување, со што многу ќе се скрати и поедностави процесот.