Јавен повик до домашните фирми за производство на заштитни маски, со максимална цена 40 денари

Покрај објавениот јавен повик до авикомпаниите за превоз на граѓани од Малта и од Загреб до Македонија, денеска Владата објави и повик за интервентна набавка на заштитни маски, со цел спречување на последиците од корона вирусот за време на вонредната состојбa.

Според објавата, маските треба да бидат изработени од материјал погоден за производство на заштитни маски на понудувачот или од материјал погоден за производство на заштитни маски обезбеден од Владата. Право на учество имаат сите домашни производители кои исполнуваат одредени услови:

  • испорака на најмалку 2.000 маски дневно;
  • маските треба да бидат за повеќе употреби и да може да се перат,
  • испораката да се врши за период на траење на вонредната состојба на различни локации во Скопје,
  • единечната цена по маска да изнесува максимум 40 денари, плус ДДВ за маски изработени од материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор,
  • единечната цена по маска да изнесува максимум 25 денари, плус ДДВ за маските изработени од материјал обезбеден од Владата.

За материјалот од кои ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се поседува соодветен сертификат за квалитет издаден од страна на овластена лабораторија.

Понудите треба да се достават во затворен плик, по пошта или лично до архивата на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје.

„Јавниот повик ќе трае 24 часа од моментот на објавување, односно понудите треба да бидат доставени најдоцна до 26.03.2020 година, до 15.30 часот. Комисија од 3 члена ќе врши оценување на способноста на понудувачите и ќе предложи избор до одговорно лице. Економскиот оператор кој ќе достави понуда и ќе склучи договор, доколку не го исполни предметот на набавката според квалитет и квантитет ќе добие негативна референца за учество на јавни набавки“, соопшти Владата.