Земјите од Дримскиот басен го оценуваат прогресот во прекуграничната соработка

Денеска и утре, во Приштина, ќе се одржува четвртата конференција во рамките на Дримскиот процес на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ).

Повеќе од 100 преставници на различни институции, министерства, меѓународни и регионални институции се присутни на настанот кој значи заедничко согледување на активностите во дримскиот процес.

Воедно, со овој настан се одбележуваат и пет години од потпишувањето на меморандумот за заедничка визија на Дрим и една година од иницијацијата на ГЕФ.

Конференцијата е организирана заедно со третиот состанок на експертските работни групи, кој почна вчера.

– На сите работни средби и на конференцијата се очекува да се изрши согледување на развојот на процесот во последната година околу управувањето со Дримскиот басен.  Ќе бидат разгледани и активностите околу подготовка на управувачкиот план за Дримскиот басен и можностите за координирана акција за управување со заштитените подрачја на ниво на суб-басени – вели координаторот на Дримскиот проект за Македонија, Дејан Пановски.

Во рамките на Дримскиот проект на ГЕФ веќе се работи на надзор за квалитетот на водите во сливот, социо-економски анализи на сливот, како е тематски извештаи за состојбите со биодиверзитетот, загадувањето и хидрологијата на Дримскиот басен.

Сето тоа ќе биде инкорпорирано во главниот документ на првата фаза на проектот, прекуграничната дијагностичка анализа на Дримскиот басен, од која ќе произлезе стратешки акционен план.