Заврши седмиот состанок помеѓу Македонија и Грција за мерките за градење доверба

На денешната седма рунда на консултации во врска со мерките за градење доверба помеѓу Македонија и Грција од МНР информираат дека биле усогласени области на соработка кои вклучуваат проекти за поврзување, полициската соработка, европски програми, култура, образование, цивилната заштита, јавната администрација, здравството, соработката меѓу дипломатските академии, како и реализацијата на бизнис иницијативи.

Соработка била иницирана и во областа на сеизмологијата, а бил парафиран и Меморандум за разбирање за соработка на полето на цивилната заштита. Следниот состанок ќе се одржи во Атина

„Состанокот претставуваше продолжение на пријателскиот и конструктивен дијалог за различни области од заеднички интерес, во поддршка на напорите на Владите во создавањето на позитивна политичка клима во билатералните односи меѓу двете земји. Свој придонес во дискусијата дадоа и експерти од соодветните национални институции“, информираат од МНР.