Заштитата на Студенчишко Блато, „Охрид СОС“ ја подигна на европско ниво

Од 15 до 19 мај, во Скопје и во Охрид во работна посета ќе биде проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот разгранок на Светското друштво на научници за блатни еко-системи. Од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ велат дека Ферхуфен доаѓа на нивна иницијатива и дека во Скопје ќе одржи серија предавања на Природно-математичкиот факултет.

Исто така, ќе биде специјален гостин на тркалезната маса во организација на Здружението за заштита на животни и на животна средина „Еден“ на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во Охридско-преспанскиот Регион“.

Во Охрид, професор Ферхуфен ќе го посети Хидробиолошкиот завод и ќе оствари работна средба со членови на Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

– Причината за неговата посета е опасноста од уништување на Студенчишкото Блато во Охрид – последниот филтер на езерото и дом и прибежиште на многу ретки и ендемски видови. Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ две години непрекинато и посветено се бореше за заштита на Студенчишкото Блато што конечно даде плод и на последната стручна расправа во Општина Охрид беше потврдено дека блатото останува строго заштитена зона – велат од Здружение за заштита на животните и на животната средина „Еден“.

Оттаму нагласуваат дека, сепак, целта не е докрај постигната бидејќи со заклучок на Владата од 2013 година на Општината ѝ е наложено да се заштитат само 4 до 5 хектари земја, што е неприфатливо оти е многу помалку  од 50-70 хектари кои се предвидени со последната интегрирана студија за блатото.

– На блатото не само што му е потребно да се заштитат сите негови делови кои се сè уште функционални, туку е неопходно и да се ревитализира тоа што било низ годините уништено – нагласуваат од здружението „Еден“.