Законот за личен доход се носи без почитување на процесот на јавна консултација

Американската стопанска комора во Македонија(AmCham Macedonia) остро се противи на непочитувањето на процесот на јавна консултација од страна на Владата и Министерството за финансии во однос на предлог-Законот за личен доход објавен на 3 ноември преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), без притоа да се испочитува рокот за забелешки и коментари кој завршува на 28 ноември, информираат од таму.

Од Комората додаваат дека законот е веќе ставен во собраниска процедура на 26 ноември на пленарна седница бр. 66 по скратена постапка, со што, воедно се скратува правото на заинтересираните страни да го изложат јавно своето мислење пред пратениците во Собранието.

„Сметаме дека со оваа постапка, Владата ја продолжува штетната пракса на користење на скратена постапка при носење на важни закони кои имаат огромно влијание врз економијата во Македонија, нешто што беше одлика на минатата гарнитура, без притоа да се почитува јавното мислење и ставовите на бизнис заедницата. Со ваквото постапување на надлежните институции се нарушува партнерскиот однос меѓу приватниот и јавниот сектор“, се вели во соопштението.

Американската стопанска комора смета дека прогресивното оданочување нема да го постигне посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, а ќе доведе до намалување на продуктивноста, вработливоста, и развојот на висококвалификувани кадри.

„Исто така сметаме дека предложениот закон ќе ја намали даночната послушност и ќе ја зголеми сивата економија, при тоа ќе доведе до зголемена даночна евазија, отежнато прибирање на даноците, и зголемување на трошоците и комплексноста на прибирање даноци. Воедно сметаме дека предложениот закон ќе има негативен ефект врз растот и развојот на македонската економија, одлив на капитал и намалени инвестиции, одлив на мозоци и дестимулација на иновативните „смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата“, се додава во соопштението.

Од АмЧам, како и останатите бизнис асоцијации, сметаат дека ова не е погоден момент за воведување на прогресивно оданочување на личниот доход и бараат одложување на реформата.