Заев: Можен е консензуален кандидат за претседател, имаме дилема за предвремени избори


       
Скопје, 8 февруари, 2019 - 13:07 (META) 

СДСМ се уште го нема дефинирано својот став дали да оди на предвремени избори, оти дилемата е дали да се оди на нов мандат или да се фокусираат на евроинтеграциите и добивањето датум за пристапни преговори со ЕУ, изјави денеска премиерот Зоран Заев по посетата на Клиниката за неврологија заедно со министерот за здравство Венко Филипче.

– Дилемата за тоа дали да се распишат предвремени парламентарни избори е помеѓу две опции – дали да се определиме за еден цел нов мандат што е привлечно за политичарите, за да можеме да испорачаме економски ефекти, ефекти на реформи и подобрување на севкупниот живот или да превагне интересот на државата наспроти партиите, а тоа е да не дадеме никаков изговор на земјите членки кои дел од нив генерално се против проширувањето, а Македонија чека позитивна одлука на самитот на ЕУ во јуни, каде верувам дека Евроспаката комисија која е на крајот на својот мандат сака да остави свое наследство -рече Заев како одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека овие денови разговараат и со коалициските партнери, со политички партии кои се надвор од коалицијата, партии кои не се парламентарни, консултираат, како што вели, многу значајни здруженија на граѓани, прават анкети и анализи и во однос на изнаоѓање најдобриот кандидат за претседателските избори.

– Јас сакам да ја потенцирам потребата од свесност на нашето општество изразена преку политичките партии и да ги повикам сите да направиме една заедничка, одговорна анализа и да пронајдеме личност или личности зад кои би можеле да застанеме ние како политичари, нашите политички партии заради тоа што граѓаните застануваат зад нив. Ако најдеме такви личности тоа би бил вистински консензуален кандидат кој ќе ги имплементира политиките на ова модерно живеење, на 21. век со прогресот и просперитетот кој Македонија го има и дополнително го очекува, тогаш вредно е да направиме напори да дадеме шанса да изнајдеме таква личност – рече Заев.

Во врска со изјавата на ДУИ дека нема да поддржат кандидат за претседател произлезен од Конгресот на СДСМ, Заев рече дека кандидатот заедно ќе го бараат по пат на заедничка анализа.

– Заедно ќе го бараме. Не мораме да чекаме Конгрес некоја партија да дефинира, затоа што ако која било партија дефинира тогаш ги приклонува другите партии да следат. Тоа не е консензуално барање. Консензуално е ако ангажираме од нашите партии и платиме експерти, да ни направат добри анализи и да изнајдеме кандидати така растеретени. Не зборувам за пратеник, за премиер, за министер, за директор, зборуваме за претседател на државата тука е и одговорноста на сите нас како политичари – рече Заев, додадавјќи дека тоа можат да бидат и граѓани од која било етничка припадност и кој било сфера од општественото живеење.