Заев и Рама од Пустец: Ги унапредуваме односите и низ грижа за малцинските права

Премиерот Зоран Заев и неговиот албански колега, Еди Рама денеска ги посетија Македонците од општината Пустец, а имаа и заедничка средба со заменик-градоначалникот и советниците на општината.

Претставниците од Општина Пустец на двајцата премиери им ги соопштиле приоритетите за кои очекуваат поддршка, меѓу кои е и реновирањето на училиштето. Премиерот Рама се обврзал дека школото ќе биде реновирано и оти општината ќе добие поддршка во комуналните проекти и проектите за локален развој што беа посочени на средбата.

Премиерот Заев му се заблагодарил на Рама, за грижата што ја покажува за граѓаните во Албанија со македонско етничко потекло.

– Ова е начин да ги отвораме и да ги решаваме прашањата. Присуството на двајцата први луѓе на извршната власт во Македонија и во Албанија, тука во Пустец е голема симболика за унапредувањето на односите меѓу двете земји, бидејки малцинските заедници се мостот на таа соработка, и грижата за нив е од големо значење – рече Заев, додавајќи дека двете држави се европски ориентирани и подготвени да ги негуваат малцинските права.

Заев на состанокот со локалните власти во Пустец, најавил дека и Владата на Република Македонија ќе помогне во решавањето на прашањата што се од важност за жителите со македонско етничко потекло во Албанија.