!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата го усвои дополнетиот предлог-буџет за 2018 година


       
Скопје, 12 декември, 2017 - 20:13 (META) 

На денешната седница Владата го усвои дополнетиот предлог на Буџетот за 2018 година со прифатените амандмани од комисиската расправа во Собранието на Република Македонија, соопштија од владината прес-служба.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, ја информирал Владата дека во дополнетиот предлог-буџет за 2018 се зголемуваат на финансиски средства за гасификација во висина од 120 милиони денари, блок дотации за градинки, основни и средни училишта, културни установи на регионално ниво со зголемување од 200 милиони денари, во Фондот за здравство од 100 милиони денари и во Инспекторатот за животна средина од 10 милиони денари.

Буџетот за 2018 година веднаш по усвојувањето е проследен до Собранието на усвојување.

Владата на седницата усвоила информација со која се изедначуваат условите за инвестирање на домашните и странските инвеститори. Условите подеднакво ќе важат за сите инвеститори во ТИРЗ-зоните и надвор од нив.

Во согласност со начелото на владата за транспарентно и отчетно трошење на државните средства на денешната седница е донесена одлука со која се задолжуваат министрите, замениците на министри, државните секретари и генералниот секретар да достават информации за службените трошоци направени во рамките на предвидениот буџет во првите шест месеци од преземањето на функциите.

Владата исто така го задолжила Секторот за односи со јавност да изработи софтверско решение за прикажување и визуализација на службените трошоци и истото да го постави на официјалниот сајт.

На седницата е донесена одлука Бирото за јавни набавки веднаш да го надгради Електронскиот систем за јавни набавки.