Туск: Тешко е да се биде оптимист по анкетата за Брексит

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, денеска, по последната анкета од Британија, која покажува предност на приврзаниците за излез од ЕУ, рече дека е тешко да се биде оптимист.

– Знам дека е особено тешко за нас денеска да бидеме оптимисти, ако ги знаеме резултатите од последните анкети. Но, сè уште е 50-50 и сè е возможно – рече Туск на прес-конференција во Хелсинки.

Телефонското испитување на јавното мислење на агенцијата „Ипсос МОРИ“ покажа дека 53 отсто од Британците поддржуваат излегување на земјата од ЕУ, додека за останување во Унијата се 47 отсто од граѓаните.

Референдумот во Велика Британија за ЕУ ќе се одржи на 23 јуни.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, денеска во Санкт Петербург рече дека излегувањето на Британија од ЕУ ќе отвори период на нова глобална несигурност и оти тоа треба да се избегне.