Тунтев: Договорот е висок патриотски чин, ВМРО-ДПМНЕ да сврти нова страница

Договорот за разрешување на спорот со Грција што беше потпишан во неделата е висок патриотски чин и носи иднина за државата и за сите граѓани, а ВМРО-ДПМНЕ треба да сврти нова страница и да учествува во неговата ратификација, порача на прес-конференција во Собранието Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Зборувајќи пред голем број пратеници – негови сопартијци, тој ја повика ВМРО-ДПМНЕ да гласа за ратификација, откако опозициската партија денеска го нападна договорот и рече дека нема да гласа на него, ниту пак ќе учествува на седницата на која ќе се ратификува овој документ.

– Договорот за којшто треба да се изјасниме е висок патриотски чин, носи иднина, за државата и за сите граѓани.  Овој Договор го гарантира македонскиот идентитет. Македонски народ, Македонец, Македонка, македонски…Обезбедени-еднаш-засекогаш. Ова се нови, просперитетни времиња за Македонија и за нејзините граѓани. ВМРО-ДПМНЕ прво треба прво да расчисти со криминалот во сопствените редови и да земе учество во процесот кој овозможува граѓаните сами да одлучат за европска, односно европска македонска иднина. ВМРО-ДПМНЕ мора да сврти нова страница, доколку сака да фати чекор со светлата иднина на нашата држава – рече Тунтев.

Тој повторно нагласи дека ќе се организира и референдум за изјаснување на граѓаните.

-Обезбедуваме можност граѓаните на Република Македонија да се изјаснат на референдум за ова многу важно и историско прашање, самите непосредно да одлучат за иднината на сопствената држава. Овој народ заслужува сам да се изјасни за иднината на сопствената држава за својата сопствена иднина и за иднината на своите деца – рече тој.