Пратениците дадоа зелено светло договорот со Грција да се разгледува по скратена постапка


       
Скопје, 19 јуни, 2018 - 11:51 (META) 

Пратениците на денешната 51 седница на Собранието дадоа поддршка предлог-законот за ратификацијата на Договорот со Грција, кој беше потпишан во неделата од страна на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, да се гласа по скратена постапка.

Законот го образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече дека е повеќе од неопходно Собранието да го разгледа овој закон по скратена постапка, поради роковите за самитите на ЕУ и НАТО.

– Грција има обврска да го извести претседателот на Советот на ЕУ дека дава поддршка за членство на Македонија во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО да ни упати покана за пристапување. Јунскиот самит е пред нас, овие датуми се клучни за европската иднина на нашата земја. За да ги испорачаме овие резултати, предлагам Собранието да одлучи овој предлог-закон да се донесе со скратена постапка – рече Димитров.

Поддршка на владата за овој предлог дадоа 69 пратеници, односно пратениците на мнозинството и сите албански партии, а против, со 40 гласа, се изјаснија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги задолжи Комисијата за европски прашања и Законодавната правна комисија да расправаат за законот, по што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да удираат по масите.

Координаторот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, Драган Данев рече дека договорот кој е сервиран пред пратениците е капитулантски чин на владата. Според него, договорот претставува современ геноцид на нашата правна држава и обид за негирање на нашето постоење.

-Противуставен договор со кој се врши измена на Уставот и се навлегува во изменување на идентитетот и прави штета за сите граѓани. Македонија влегува во процес од кој нема враќање бидејќи прифати целосен ултиматум. Се наметнува ново име на државата како резултат на билатерална спогодба под уцена. Целосно откажување на терминот Македонија и македонски дури и во внатрешна употреба. Ова ќе значи целосно ембарго за термините. Европското знаменце е злоупотребено и со тоа се прави флагрантно кршење и на Деловникот, законите и Уставот по трет пат онаму кај што треба најмногу да се почитуваат а тоа е Собранието – рече Данев и додаде дека нема да учествуваат во оваа правна лакрдија, по што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.

Џафери ги задолжи претседателите на комисиите да закажат термин за комисиска расправа,по што законот повторно ќе се врати на пленарна седница.