Царината минатиот месец поднела 10 кривични пријави против 14 лица и пет фирми

Царинската управа на Република Македонија, постапувајќи по констатирани неправилности, во март годинава до надлежните јавни обвинителства поднела 10 кривични пријави против 14 физички и пет правни лица.

Како што соопштуваат од Царината, пријавите се поднесени за неовластено производство и пуштање во промет на накротични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, за криумчарење, фалсификување пари, фалсификување исправа, царинска измама и за недозволено пренесување акцизни стоки.

Меѓу осомничените, како што стои во соопштението, се и тројца македонски државјани, кои се товарат за обид за шверц на 10 килограми марихуана. Дрогата била откриена во патничка торба, во автобус кој сообраќал на линијата Гостивар – Женева и во кој патници биле тројцата осомничени.

Кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена и против српскиот државјанин кој на средината од минатиот месец беше уапсен на граничниот премин Табановце, откако кај него беа пронајдени фалсификувани евра во вкупна вредност од 27.700 евра. Тој, врз основа на предлог-спогодба со Основниот суд Куманово, бил осуден на условна затворска казна од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години не стори ново кривично дело.

Кривични пријави се поднесени и за фирми од Прилеп, Битола, Кичево и за две фирми од Скопје, а се товарат за фалсификување исправа, царинска измама и за недозволено пренесување акцизни стоки.