Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ го урнисаа здравствениот систем, велат од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ преку нејзиниот министер Никола Тодоров го урниса здравствениот систем и газеше врз достоинството на лекарите и на пациентите, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија велат дека водејќи се исклучиво „од коруптивни и од бизнис-интереси и за криминални тендери“, ВМРО-ДПМНЕ и Тодоров здравствениот систем на Македонија го направиле еден од најлошите и најсмртоносните во Европа.

„Надлежните институции се вложија во справување со болеста, се преземаат неопходните мерки за спречување на повторна појава и на понатамошно ширење на вирусот. Криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ зад себе оставија урнисан здравствен систем, недостиг од современа опрема и од медицински кадар, распаднати болници и здравствени домови, а тоа се покажа и во овој случај кога поради долгови и блокирани сметки, Институтот за јавно здравје останал без реагенси и тие мораа да се позајмуваат од соседни земји“, се вели во соопштението на СДСМ.