Тилерсон: Рускиот гасовод „Северен тек 2“ е закана за енергетската безбедност на Европа

Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон денеска, по разговорите со полскиот премиер и со шефот на полската дипломатија во Варшава, изјави дека САД се против новиот руски гасовод „Северен тек 2“ на дното на Балтичкото море, бидејќи ја загрозува енергетската безбедност на Европа и преставува уште едно политичко оружје на Русија, јавуваат светските агенции.

– Ја делиме (со Полска) оваа оценка бидејќи знаеме оти мораме да ги диверзификуваме изворите на енергија. Тоа е прашање на долгорочна енергетска безбедност на Европа – изјавил Тилерсон на заедничката прес-конференција со шефот на полската дипломатија, Јацек Чапутович.

Тилерсон рекол дека САД сакаат да помогнат во изградбата на што повеќе интерконектори и гасоводи и во рамките на хрватско-полската иницијатива „Три мориња“, во регионот на Балтикот, преку Јадранското до Црното море, а, исто така, и да ја помогнат енергетската безбедност преку продажба на американски течен гас.

Тилерсон синоќа со полискиот претседател Анджеј Дуда и денеска со премиерот Матеуш Моравјецки разговарал и за воената соработка меѓу двете земји, изразувајќи подготвеност за нејзино зајакнување.

Американскиот државен секретар денеска зад затворени врати треба да се сретне со лидерот на владејачката полска партија на Правото и правдата, Јарослав Качински, кој, според медиумите, иако формално е обичен пратеник реално ја има улогата на натпремиер и натпретседател во Полска, без чиј благослов не може да биде донесена ниту една одлука.