This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Jul 21 0:32:48 2017 / +0000 GMT

Тевдовски: Целта на ребалансот на буџетот е да се намалат непотребните трошоци




Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешната расправа за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека основнa цел на ребалансот e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

- Ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет. Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања. Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, за кои, ако се раскинат, државата ќе треба да плаќа пенали - изјави Тевдовски.

Тој додаде дека кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.

Вкупните приходи на буџетот се ревидирани за 1,5 процент надолу, односно за 2,87 милијарди денари.

- Ова ревидирање на проекциите кај приходната страна на буџетот е резултат на намалување на приходите на основниот буџет во согласност со реализацијата во изминатите шест месеци и со очекувањата до крајот на годината. На расходната страна на буџетот, сериозно намалување е направено на расходите наменети за стоки и за услуги, кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот. Од оваа ставка се направени кратења на сите непродуктивни трошоци на владата и на институциите наменети за патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирања - појасни Тевдовски.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година. Во согласност со тоа, потребата за финансирање изнесува 36,92 милијарди денари.

Тевдовски рече дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбедат преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и од депозитот пренесен од минатата година.

И