Тетовскиот отпад повторно се носи во Русино

Блокадата за тетовскиот смет кон депонијата Русино е отстранета. Од саботата навечер камионите на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ го носат сметот во Русино бидејќи жителите на гостиварските села постигнаа договор со Центарот за Полошки плански регион за исполнување на минимум услови за носење и за депонирање на смет во депонијата во Русино.

– Договорот за носење и за депонирање смет кој беше направен во вторникот, а предвидуваше да се носи сметот во 1 часот по полноќ и да се исчисти патот до Русино, првично не беше испочитуван. Но, во петокот повторно се сретнавме со жителите од гостиварските села и тие во саботата ја тргнаа блокадата кон Русино, затоа што договорот веќе почнува да се спроведува – изјави Назиф Јашари, раководител на комунална хигиена при ЈКП „Тетово“.

Поради блокадата, но и отежнатото носење на тетовскиот отпад до депонијата Дрисла, изминативе две недели на претоварната станица за смет во Тетово секојдневно се трупаа стотици тони отпад.

Од ЈКП „Тетово“ се надеваат дека за неколку дена станицата за претовар на сметот ќе биде целосно исчистена.