Османи – Коѕиас: Имаме историска шанса да го решиме спорот за името, да не ја пропуштиме


Атина, 9 јануари, 2018 - 14:53 (META) 

Оваа, 2018 година, претставува историска шанса за надминување на недоразбирањето околу употребата на иметот на нашата земја, истакнал вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на денешните средби со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас и со заменик-министерот за надворешни работи задолжен за европски прашања и меѓународни економски односи на Грција, Јоргос Катругалос во Атина.

– Како политичари кои ја добиле довербата да ги предводат своите граѓани, имаме обврска да покажеме зрелост и сериозност и да не ја пропуштиме оваа шанса – истакнал Османи, стои во соопштението за средбите од неговиот кабинет.

Тој додал дека во Македонија постои „јасно изразен оптимизам за затворање на ова прашања“ и изразил надеж дека заедно со „позитивните сигнали кои доаѓаат и од страна на Грција, ова прашање конечно ќе биде надминато“.

На средбите биле отворени и темите за меѓусебната соработка, унапредување на комуникацијата, како и останатите мерки за градење доверба меѓу двете земји.

– Имаме исклучителен напредок во комуникацијата меѓу двете земји, што води кон очигледно зголемување на довербата меѓу државите, но и севкупно, зголемување на довербата меѓу двете општества – истакнал Османи, додавајќи дека само преку создавањето искрена атмосфера на доверба може да се надминат отворени прашања.

Вицепремиерот за европски прашања, во тој контекст посочил дека во наредниот период очекува засилување на мерките за градење доверба во сите области, односно во економијата, културата, образованието, екологијата, меѓуграничната соработка, енергетиката, транспортот со што граѓаните ќе можат и директно да ги почувствуваат бенефитите од оваа соработка.


Коѕиас во посета на Скопје, на средби со државниот врв и со политичките партии


Скопје, 31 август, 2017 - 9:39 (META) 

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, денеска е во еднодневна посета на Македонија, за време на која ќе оствари поединечни средби со претставниците на државниот врв.

Коѕиас, кој утринава со автомобил допатува во Македонија, прво ќе се сретне со министерот за надворешни работи на земјава, Никола Димитров, по што двајцата ќе дадат изјави за медиуми.

По средбата со Димитров, грчкиот министер за надворешни работи ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и со вицепремиерот Бујар Османи, како и со претставници на политичките партии.

Спорот за името не е на агендата на посетата на Коѕиас, туку имплементацијата на мерките за доверба и заклучоците од последната средба на работните групи на двете министерства, одржана завчера во Атина.


Заврши средбата на работните групи за мерките за доверба меѓу Македонија и Грција


Атина, 29 август, 2017 - 17:37 (META) 

Шестиот состанок за мерките за градење доверба меѓу Република Македонија и Република Грција денеска се одржа во Атина, соопшти македонското Министерство за надворешни работи, без притоа да открие детали дали е постигнат напредок во усвојување на нов пакет мерки.

Од МНР наведуваат дека министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, в четврток во Скопје ќе разговараат за напредокот во процесот на спроведување на мерките за градење доверба и дека следната средба на работните групи ќе се одржи во Скопје.

Состанокот во Атина, како што се наведува, претставува продолжение на пријателскиот и конструктивен дијалог на заемно договорените теми, како што се проекти за меѓусебно поврзување во областите на транспортот и на енергијата, потоа полициска соработка, европски програми, култура, образование, цивилна заштита, јавна администрација, здравствена заштита, соработка меѓу дипломатските академии и иницијативи за деловна соработка.


Коѕиас и Штајнмаер разговараа за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција


Атина, 5 декември, 2016 - 12:19 (META) 

Балканот и ситуацијата во регионот се најдоа на агендата на разговори на шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмајер, со неговиот грчки колега Никос Коѕиас во Атина. Коѕиас по средбата истакна дека се разговарало за Балканот и апелираше државите од Балканот да почнат повеќе да се фокусираат на иднината отколку на минатото.

Коѕиас говореше за Македонија и изрази задоволство од мерките за градење доверба меѓу двете страни.

– Во однос на нашиот северен сосед, со кој имаме пријателска врска, имаме направено многу чекори. Нашите предлози за мерките за градење доверба почнуваат да се имплементираат. Дипломатите и од двете држави прават важна и одлична работа. Работиме на гасовод од Солун кон Скопје, правиме нова железничка линија од Лерин кон Битола, воспоставена е соработката меѓу нашите универзитети, полицијата, размена на информации – изјави Коѕиас.

Кипарското прашање, бегалската криза, ситуацијата со Турција и билатералните односи беа, исто така, дел од разговорите меѓу Коѕиас и Штајнмајер, кој во Атина се сретна и со премиерот Алексис Ципрас и со претседателот Прокопис Павлопулос.

Двајцата министри испратија јасна порака до Турција дека мора да се почитува Лозанскиот договор.


Коѕиас – Попоски: Ако нема доверба меѓу партнерите, не може да има ниту брак


Скопје, 25 август, 2016 - 15:07 (META) 

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Никос Коѕиас, денеска во Скопје разговараа за мерките за градење доверба и за нивното можно надградување и проширување, како и за железничка линија од Битола до Лерин и за градење гасовод од Солун до Македонија.

Спорот за името, како што претходно најавија, не беше дел од разговорот меѓу двајцата шефови на дипломатии.

Двајцата министри изразија задоволство од степенот на соработка што го имаат двете земји по почнувањето на процесот за градење мерки на доверба, кои, како што рекоа, треба да ги приближат двете земји и да создадат поволна клима.

Попоски рече дека во моментот кога Европската Унија и НАТО се соочуваат со внатрешни проблеми, а проблемот за името сè уште постои како пречка, треба да се насочиме кон подобрување на добрoсоседските односи, на градење просперитет и на зајакнување на економијата.

– Свесни сме дека набргу нема да се интегрираме во НАТO и во ЕУ и поради тоа, добрo е да се насoчиме кон градење мостови со Грција. И понатаму ќе имаме различни ставови за името, тоа е факт, но можеме да работиме на градење доверба и соработка. Ако не можеме да го решиме спорот, можеме да се фокусираме кон поголема економска и политичка стабилност и просперитет. Треба да покажеме капацитет дека можеме самите да си ги решаваме работите, а тоа ќе го отвори патот кон ЕУ – рече Попоски.

Шефот на грчката дипломатија, Коѕиас, потсети на ветото што го стави во Европската Унија околу предлогот за воведување санкции кон Македонија, во екот на политичката криза годинава. Тој рече дека санкциите се контрапродуктивни.

– Такви мерки се преземаат за да се скрши непријателот или за да се донесе на преговарачка маса. Пријателската земја веќе преговара, поради тоа сметавме дека овие мерки се непотребни. Јас сум против казни затоа што на крајот последиците од нив ги трпи народот. Мерките за градење доверба не се поврзани со името, но придонесуваат за зголемување на довербата на двете земји. Ако не постои доверба, двајца не можат да стапат во брак. Името не беше тема на разговорите, но навивам за добри, а не за гнили компромиси, компромиси што ќе нè ослободат од историјата, која не можеме да ја смениме. Компромисот е еден од клучните елементи на Европската Унија, каде што еден не се наметнува над другиот. Нормално, во компромисите мора да постојат црвени линии затоа што во спротивно ќе имаме скапани компромиси – рече Коѕиас.

Околу проблемот за името, Попоски посочи дека треба да се работи на создавање рамка што ќе ја смени перцепцијата во двете земји.

– Мораме да ја смениме перцепцијата кај нас дека Грција сака да не постоиме и треба на неа да гледаме како на партнер. А Атина треба да се разубеди дека сакаме да ја разместиме – рече Попоски.

Во однос на бегалската криза, двајцата министри се согласија дека се соочуваат со предизвици, но оти благодарение на подобрената соработка и зголемената комуникација меѓу институциите, работите се одвиваат како што треба.

– Да не постоеја мерките на доверба, кои беа добредојдени, работите можеа да забегаат понатаму. Научивме да се приспособиме. Бегалската криза беше училиште за двете страни да научат како да соработуваат. Животот создава проблеми, еден ќе решиш, се појавува друг. Проблемите не ме плашат, ме плаши немањето искуство и непознавањето на филозофија за нивно решавање – рече Коѕиас.

Министерот Попоски истакна дека интересите на двете страни, кои на почетокот беа во судир во однос на бегалската криза, сега се исти. Тој истакна дека можни се нови напливи на бегалци и појава на инциденти, како и минатата година, но сега веќе го имаат искуството и соработката за полесно справување со нив.

Коѕиас, кој изрази жалење за жртвите во поплавите, за време на посетата во ниту еден момент не го употреби уставното име на Република Македонија, туку ја користеше фразата „пријателска земја на север“.


Билатералните односи во фокус на говорот на Коѕиас во Скопје


Скопје, 25 август, 2016 - 9:45 (META) 

Билатералните односи меѓу Грција и Македонија, европската перспектива на Македонија, спорот за името, иднината и случувањата во Европската Унија и приемот на државите од Западен Балкан во европското семејство се само дел од темите на кои ќе се задржи шефот на грчката дипломатијата, Никос Коѕиас, во денешниот говор пред Амбасадорскиот совет во Министерство за надворешни работи во Скопје. Коѕиас денеска е во еднодневна посета на Македонија на покана на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, со кој ќе има посебна средба и работен ручек.

Шефот на грчката дипломатија во Скопје ќе се сретне и со премиерот Емил Димитриев и со претседателот Ѓорѓе Иванов.

Зацврстувањето на довербата и комуникацијата е во прв план во оваа втора посета на Коѕиас на Скопје. Во Грција првото обраќање на грчки министер за надворешни работи пред македонските дипломати и Амбасадорскиот совет се смета дека е од исклучителна важност за подобрување на македонско-грчките врски.

Како што информира грчката државна агенција АПЕ, Коѕиас во говорот пред дипломатите во однос на македонско-грчките врски ќе забележи дека е неопходно двете страни да се фокусираат на интензивирање на соработка, како и да се продолжи работата за усвојување и за спроведување на мерките за градење доверба. Мерките, според АПЕ, се покажуваат како корисна алатка за билатерална соработка за политички и за европски прашања, користење на европските фондови, интензивирање на трговската, академската и на културната соработка, поголемата енергетска и прекугранична соработка и ефективен начин за остварување на целите како борба со трговијата на луѓе и сузбивање на мрежи за фалсификувани документи.

Се очекува Коѕиас да го спомене и спорот за името и да посочи дека Грција сака да се најде решение за тоа прашање во најкус можен рок. Меѓутоа, ќе забележи и дека за да се најде решение ќе треба да се стави крај на иредентистичката реторика и да се покаже поголема подготвеност за компромис.

Во говорот Коѕиас ќе ја истакне нужноста да се почне разговор за идината на Европа поради новите случувања, економската и бегалската криза. Грчкиот министер ќе посочи дека во овие услови цел на Грција е да се задржи стабилноста во регионот и да се продолжи со поддршката на амбициите на државите од Западен Балкан за интеграција во ЕУ. Во ова насока, односно поддршка на европската интеграција на Западен Балкан, Коѕиас ќе забележи дека се и новите можности за соработка со балканските држави, како регионалниот самит на министрите за надворешни работи на Грција, Македонија, Бугарија и Албанија, кој првпат се одржа во април и ќе продолжи да се одржува редовно на секои неколку месеци.


Коѕиас и Попоски се фокусираа на мерките за градење доверба


Варшава, 9 јули, 2016 - 19:45 (META) 

Мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција беа во фокус на денешната средба меѓу Никола Попоски и Никос Коѕиас. Шефовите на македонската и на грчката дипломатија се сретнаа на маргините на  Самитот на НАТО во Варшава. Средбата поминала во позитивна клима и се оценува како позитивна за напредокот на односите меѓу двете страни.

Според информациите на „Мета“, министрите разговарале за напредокот  и за следните чекори во однос на мерките за градење доверба во пресрет на септемврискиот состанок на работните групи на Македонија и на Грција.

Попоски и Коѕиас разговарале и за продлабочување на регионалната соработка.

Коѕиас, покрај со Попоски, се сретна и со шефовите на дипломатиите на Албанија, Канада и на Естонија, а присуствуваше и на средбата меѓу премиерот Алексис Ципрас и американскиот претседател Барак Обама.

На 30-минутната средба со Обама, на која присуствуваше и министерот за одбрана Панос Каменос, американскиот претседател изразил поддршка за намалување на грчкиот долг. Се разговарало и за грчката програма за штедење, бегалската криза и за кипарското прашање.


Попоски денеска во Варшава ќе се сретне со Коѕиас


Варшава, 9 јули, 2016 - 10:28 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска на маргините на Самитот во Варшава ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

Попоски и Коѕиас последен пат имаа средба во Брисел во мај, на маргините на министерскиот состанок на НАТО. Во таа пригода двајцата министри разговараа за мерките за градење доверба, билатералните односи и соработка, но и за политичката ситуација во Македонија. Коѕиас тогаш бараше да биде информиран за политичките случувања и изрази надеж дека кризата набргу ќе заврши и ситуацијата ќе се нормализира, апелирајќи до сите политички страни да покажат култура за прифаќање компромиси.

Од последната средба на Коѕиас и на Попоски се одржа уште една рунда разговори меѓу македонската и грчката страна за мерките за градење доверба, а Атина ја посети и специјалниот пратеник на Германија за политичката криза во Македонија, Јоханес Хајндл.

Според информациите во Грција, официјална Атина е задоволна од присуството на самитот на Западен Балкан во Париз, на кој годинава учествуваше првпат по двегодишно отсуство. Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од грчкото министерство за надворешни работи, посочува дека, наводно, Франција предложила Грција да биде домаќин на еден од следните самити за Западен Балкан, понуда на која грчката страна позитивно одговорила.

Покрај средбата со Попоски, Коѕиас е предвидено да се сретне и со шефовите на дипломатиите на Турција, Албанија и на Естонија, а вчера имаше средба со канадскиот министер за надворешни работи.

Во Варшава денеска со американскиот претседател Барак Обама ќе се сретне грчкиот премиер Алексис Ципрас.


Хајндл во посета на Атина


Атина, 16 јуни, 2016 - 12:51 (META) 

Германскиот пратеник за политичката криза во Македонија, Јоханес Хајндл, имал средби во Атина, во грчкото министерство за надворешни работи. Од грчкото МНР не ја потврдуваат официјално посетата, но неофицијално дипломатски извори потврдуваат за „Мета“ дека Хајндл бил неделава во Атина.

Според неофицијалните информации, германскиот посредник разговарал со политичкиот директор на министерството, Петрос Мавроидис, кој е директно ангажиран околу македонско-грчките разговори за мерките за градење доверба.

Средбата била непосредно по понеделничката рунда разговори меѓу претставниците на грчкото и на македонското министерство за надворешни работи, за мерките за градење доверба.

Иако нема информации за тоа што точно разговарале Хајндл и претставникот на грчкото МНР, грчки аналитичари што ги следат македонско-грчките односи истакнуваат дека најверојтно бил заинтересиран да ги слушне грчките ставови околу македонската политичка криза.

Проценките во Грција се дека е мала веројатноста грчката страна да е заинтересирана периодов за решавање на спорот за името, имајќи ги предвид општествените и политичките турбуленции во Грција.

Исто така, опозицијата често ја обвинува владата на Алексис Ципрас дека не се однесува доволно патриотски и дека има министри кои ја именуваат Македонија под уставното име.


Коѕиас: Периодов не разговараме за спорот за името


Солун, 22 април, 2016 - 11:14 (META) 

Спорот за името не е тема за разговор во моментов поради внатрешната криза во Македонија. Ова го порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, пред неговата денешна тет-а-тет средба со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

Двајцата министри се сретнаа на маргините на регионалниот состанок за бегалската криза, кој вчера и денеска се одржува во Солун.

– Во овој период не разговараме за ова прашање. Соседната држава се наоѓа во голема внатрешна криза, која треба да се земе предвид за да се има перспектива за тоа колку е можно да се решат посериозни прашања – забележа Коѕиас.

Двајцата министри на меѓусебната средба, која помина во добра клима, се фокусираа на билатералните односи, на прашања за подобрување на заемната соработка и на соработката околу бегалската криза, која важи за заеднички проблем, како и на продолжување на дијалогот и на спроведувањето на мерките за градење доверба. Коѕиас посочи дека кон постојните мерки се размислува да се додадат и нови, кои ќе помогнат за продлабочување на соработката на повеќе нивоа.

– Имавме две рунди средби и разговори околу мерките за градење доверба. Петрос Мавроидис, политичкиот директор на Министерството за надворешни работи, ќе биде на 25 април во Скопје, за третата рунда разговори за мерките за градење доверба. Веќе се имаме договорено за 11 мерки и се додаваат и нови, кои се за подобрување на развојот на економските и на општествените врски и од грчка и од нивна страна. Покрај мерките за градење доверба, веќе почнавме нешто што во меѓународната дипломатија се нарекува политички дијалог со ова држава, односно процена на состојбата во регионот – истакна Коѕиас.

Двајцата министри, покрај денешната билатерална средба, вчера на работната вечера имаа и неформална средба и разговор.