!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Шапуриќ – Тимоние: Економската соработка со Франција може да се подобри


Скопје, 28 септември, 2017 - 14:52 (META) 

Министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициска клима за домашни компании, Зоран Шапуриќ се сретна со амбасадорот на Франција, Кристиан Тимоние.

На средбата двајцата соговорници констатирале дека подобрувањето на политичката клима во државата ќе придонесе и за подобрување на бизнис-климата.

Тимоние бил задоволен од активностите на Владата за ратификација на Парискиот договор за климатки промени, како и за определбата на Министерство за животна средина и просторно планирање и Владата да го поддржат Градот Скопје во изградба на пречистителна станица.

Шапуриќ и Тимоние констатирале дека соработката помеѓу двете држави е добра во сферата на политиката и културата, но економската соработка не е на задоволително ниво.

Амбасадорот на Франција се заложил да преземе чекори кон поврзување на македонските со француските компании, преку организирање на бизнис-форуми, во кои ќе учествуваат македонскиот и францускиот бизнис-сектор и посета на француските фирми во Македонија.


Османи – Тимоние: Македонија нема друга алтернатива освен евроатланската интеграција


Скопје, 14 јуни, 2017 - 18:42 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска се сретна со амбасадорот на Француската Република, Кристијан Тимоние, кому му укажал дека соработката со Франција е од голема важност за Македонија, особено отворената поддршка за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО.

Според Османи, позитивната клима по неодамнешната посета на Брисел ќе се искористи како дополнителен поттик да се внесе нова енергија во спроведувањето на европските реформи.

– За нас од суштинско значење е да се отстрани условеноста на препораката на Комисијата за почнување на преговорите за пристапување – истакнал Османи.

Тој посочил дека треба да се работи заеднички и посветено за Македонија да се придвижи кон европското семејство со вклучување на сите кои може да придонесат во процесот.

Од кабинетот на Османи информираат дека вицепремиерот и амбасадорот Тимоние се согласиле дека проширувањето на Унијата кон земјите од Западен Балкан мора да продолжи и дека Македонија нема друга алтернатива освен евроатлантската интеграција.


Џафери на средби со Бејли и со Томоние: Следниот чекор е избор на новата влада


Скопје, 8 мај, 2017 - 16:22 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, и со амбасадорот на Франција, Кристиан Тимоние, со кои разговарал за актуелната политичка состојба во државата, при што добил поддршка од двете земји за реализација на потамошните чекори при процесот на формирање на институциите.

„Како следен од низата многу важни чекори за иднината на Република Македонија, амбасадорот Бејли го истакна формирањето на новата влада, при што претседателот Џафери го информираше за преземените чекори, подвлекувајќи дека тој е должен да ги спроведе и да одговара за сите негови ингеренции откако ќе му биде доставен предлог за состав на влада и програма за работа на истата“, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.

Џафери и Бејли изразиле очекување дека во следниот период и кај двете страни ќе преовлада чувството на висока политичка свест и одговорност „над одредени наметнати или испровоцирани состојби, за да се смират тензиите и мирно да се трасира патот за воспоставување на демократските процеси во државата“.

На средбата со Тимоние, Џафери истакнал дека местото за дебата и за соочување на политичките ставови и мислења е Собранието и дека сите други ставови искажани од претставници на високи државни институции не смеат да бидат пречка за конечно заокружување на веќе почнатите демократски процеси.

„Во таа насока, процедурата за избор на нова влада ќе претставува почеток на реализација на ингеренциите на новиот претседател на Собранието, врз основа на Уставот, законите и на деловникот на Собранието“, информираат собраниските служби.


Француската влада финансираше студија за изградба на пречистителна станица во Скопје


Скопје, 25 април, 2017 - 10:11 (META) 

Француската влада, како дел од билатералната политика за соработка со Македонија, финансираше студија за изградба на пречистителна станица за отпадни води за град Скопје, во вкупен износ од околу 700.000 евра.

„Оваа поддршка на Македонија преку еден типичен проект од областа на животната средина, ја илустрира континуираната француска поддршка на реформите за напредокот на земјата, вклучително и на животната средина, за усвојување на европските стандарди во оваа област“, велат од Амбасадата на Франција во земјава.

Комплетниот документ, во кој се содржани студија за економска исплатливост, студија за влијанието врз животната средина и анализата на параметрите цена – корист на понудените опции, ќе биде предаден од страна на амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, на претставниците на Град Скопје и на Министерството за животна средина и просторно планирање, утре (26 април), во 18 часот, во просториите на амбасадата.


Писателот Луан Старова одликуван со францускиот орден „Офицер на Легијата на честа“


Скопје, 12 април, 2017 - 10:24 (META) 

Амбасадорот на Република Франција, Кристијан Tимоние, во име на претседателот на Франција, го одликува писателот Луан Старова со орден „Офицер од редот на Легијата на честа“.

Академик и писател, универзитетски професор по француска и компаративна книжевност и прв амбасадор на Република Македонија во Париз, Луан Старова го добива ова значајно француско одликување за неговиот голем придонес во развојот на односите помеѓу двете земји.

Амбасадорот Старова одржува блиски контакти со многу писатели, поети и француски мислители на нашето време, како Едгар Морен, Морис Дрион, Робер Мале, Анри Мешоник, Андре Френо и други, придонесувајќи на тој начин за подобро да се разбере регионот на Балканот во клучните години од последната деценија на 20 век.

Националниот ред на Легијата на честа го воспоставил Наполеон Бонапарта во 1802 година. Ова одликување се доделува за заслуга на личности кои имале исклучителен придонес за промоцијата на Франција и на вредностите што таа ги застапува и ги претставува во светот.


Теута Арифи ќе го добие францускиот орден „Офицер на Националниот ред за заслуги“


Скопје, 28 март, 2017 - 16:26 (META) 

Теута Арифи, актуелна градоначалничка на Тетово и поранешна вицепремиерка за евроинтеграции, ќе биде одликувана со орден „Офицер на Националниот ред за заслуги“, кој во име на францускиот претседател  ќе ѝ го додели амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.

Како што соопшти француската амбасада, Арифи го добива ова важно француско одликување „за своите особени заслуги за развојот на односите помеѓу двете земји и за евроинтеграциските процеси на Македонија“.

Орденот за национални заслуги на Франција, воспоставен во 1963 година од страна на генералот Де Гол, е едно од најпрестижните француски одликувања. Со него се наградуваат воени или цивилни лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција.


ВМРО-ДПМНЕ: Искреноста и мудроста на Ахмети сега се на многу сериозен тест


Скопје, 9 февруари, 2017 - 13:30 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со членовите на извршниот комитет на партијата, Никола Попоски и Никола Тодоров, се сретнал со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние, известува партијата во соопштение, кое е долго и полно со детали и со објаснувања, какви што станаа редовна практика во последно време.

Францускиот амбасадор истакнал дека тоа што ѝ го посакува на Македонија е воспоставување стабилност заради придвижување на работите нанапред и надминување на постојната ситуација.

„Од ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека партијата имаше обид во рок од 20 дена да формира влада, иако од самиот почеток ни беше јасно дека со така тесно мнозинство формирањето влада во Македонија ќе биде сериозен предизвик. Сепак, и покрај сè, влеговме со добра волја и со оптимизам. Но, за жал, кај ДУИ се појавија некои прашања што ги одвратија од намерата да прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, платформа на Албанците е обид за ново преговарање на Охридскиот рамковен договор, а таков процес може да ја однесе државата во погрешна насока.

„Сметаме дека е добро уште еднаш да се даде шанса во период од два, два и пол месеци од сега, можеби заедно со локалните избори, да има нови парламентарни избори. Во последно време од некои страни се даваат идеи за широка влада. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека формирањето на широките коалиции во Македонија е проверен рецепт за неуспех“, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека францускиот амбасадор прашал дали во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Ахмети е искрен во тоа што го кажува во политиката, на што одговориле дека неговата искреност и мудрост сега се на многу сериозен тест.