Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, и со амбасадорот на Франција, Кристиан Тимоние, со кои разговарал за актуелната политичка состојба во државата, при што добил поддршка од двете земји за реализација на потамошните чекори при процесот на формирање на институциите.

„Како следен од низата многу важни чекори за иднината на Република Македонија, амбасадорот Бејли го истакна формирањето на новата влада, при што претседателот Џафери го информираше за преземените чекори, подвлекувајќи дека тој е должен да ги спроведе и да одговара за сите негови ингеренции откако ќе му биде доставен предлог за состав на влада и програма за работа на истата“, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.

Џафери и Бејли изразиле очекување дека во следниот период и кај двете страни ќе преовлада чувството на висока политичка свест и одговорност „над одредени наметнати или испровоцирани состојби, за да се смират тензиите и мирно да се трасира патот за воспоставување на демократските процеси во државата“.

На средбата со Тимоние, Џафери истакнал дека местото за дебата и за соочување на политичките ставови и мислења е Собранието и дека сите други ставови искажани од претставници на високи државни институции не смеат да бидат пречка за конечно заокружување на веќе почнатите демократски процеси.

„Во таа насока, процедурата за избор на нова влада ќе претставува почеток на реализација на ингеренциите на новиот претседател на Собранието, врз основа на Уставот, законите и на деловникот на Собранието“, информираат собраниските служби.