!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Министерство за финансии: Намалена каматата на хартиите од вредност


Скопје, 10 јануари, 2017 - 16:28 (META) 

И покрај политичката пропаганда на СДСМ, кој настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста, иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што продонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на СДСМ за задолжувањето.

Во него се додава дека инвеститорите побарале државни хартии од вредност во износ кој надминувал 5 милијарди денари, а Министерството запишало 1,9 милијарди денари во согласност со понуденото во проспектот.

– Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената што ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени, што воедно е и најниската камата последниве години – се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека со буџетот за 2017 година предвидено е буџетскиот дефицит да се покрива и од домашни извори.

– Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека тие можат да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот – додаваат од министерството.


Странските инвестиции во првите десет месеци во 2016 година биле 197 милиони евра


Скопје, 3 јануари, 2017 - 11:38 (META) 

Во првите десет месеци од 2016 година, во Македонија влегле 197 милиони евра странски инвестиции, покажуваат податоците од Народната банка.

Споредено со првите десет месеци во 2015 година, странските инвестиции бележат опаѓање за 8,3 милиони евра.

Само во октомври лани, приливот на странски капитал во земјава изнесувал 14,5 милиони евра и споредено со октомври 2015 година, кога вкупните странски инвестиции изнесувале 50 милиони евра, приливот на странски капитал е помал за 35,3 милиони евра.


Судирите на Блискиот Исток ја уништуваат економијата, смета Лагард


Њујорк, 16 септември, 2016 - 18:15 (META) 

Економијата на Блискиот Исток се уништува со воените судири и бегалската криза, оцени денеска првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард.

– Во тој регион повеќе од 30 милиони луѓе станаа бегалци или се привремено раселени. Основните средства за производство во воените зони се уништени. Загубите, кога станува збор за богатство и приходи, се огромни има недостаток на образован човечки капитал како и работни места – изјави Лагард.

ММФ денеска објави извештај за последиците од судирите на Блискиот Исток и ефектите врз економијата.

Лагард наведува дека и повеќе од 11 милијарди долари помош ветени за Сирија и тој регион до 2020 година нема да бидат доволни имајќи ја предвид големината на кризата.


Голем број грчки компании размислуваат за преселба за да ги избегнат новите високи даноци


Атина, 29 август, 2016 - 11:09 (META) 

Илјадници грчки компании планираат да се преселат од Грција за да ги избегнат новите даноци и давачки за државата, кои ќе се воведат од јануари 2017 година. Според грчкиот весник „Катимерини“, околу 65.000 до 70.000 компании имаат поднесено барања за да им се одобри преселба на седиштето на компанијата надвор од Грција.

Според весникот, огромниот број барања со кои грчките компании ќе го преселат својот менаџмент во друга земја, создава голема загриженост за грчкото министерство за финансии, кое, наводно, веќе работи на план за поголема соработка и за надзор на грчките компании во странство со министерствата во Бугарија и на Кипар.

Работите се оценува дека ќе бидат особено отежнати за самовработените и за хонорарците. Како што посочува „Катимерини“, ако досега самовработените и хонорарците имале давачки од околу 4.000 евра годишно за приходи под 70.000 евра, со новите даноци таа сума ќе се зголеми на 14.000 евра годишно. Ако за здравствено осигурување истата категорија вработени досега плаќала 1.000 евра годишно, отсега со зголемените даноци ќе мора да плати 4.800 евра годишно.

Проценките во Грција, според досегашниот интерес на компаниите, се дека Бугарија е најповолна држава за преселба на грчките компании. Солунскиот информативен портал „Вориа“ неодамна пишуваше дека грчките компании ја претпочитаат Бугарија пред Македонија поради ниските даноци, фактот дека е европска држава, лесната можност за пренесување на капиталот од една во друга држава и лесниот пристап до банкарски заеми за компаниите.

Ваквиот феномен, според порталот, е особено забележлив последната година, по воведувањето на финансиските и на банкарски рестрикции, со што значително се ограничја движењето на капиталот и банкарските трансакции и за физичките и за правните лица во државата.

Како што пренесува „Вориа“, иако и Македонија со години е поволна држава за голем број грчки компании, сепак политичката криза што владее во земјава повеќе од една година создава неизвесност за грчките компании и го отвора прашањето за преселба на седиштето во Бугарија.

 


Државата ќе се задолжи со рекордни 650 милиони евра со издавање еврообврзница


Скопје, 8 јули, 2016 - 13:41 (META) 

Со издавањето на новата еврообврзница, државата ќе се задолжи со рекордни 650 милиони евра на странскиот пазар на капитал.

Еврообврзницата ќе се отплаќа во период од 10 години и ќе биде издадена преку претставништвото на „Дојче банк“ во Лондон, a ќе котира и со неа ќе се тргува на ирската берза на хартии од вредност.

Според пишувањата на агенцијата „Ројтерс“, од 11 јули македонските претставници ќе почнат серија средби со инвеститори во Велика Британија и во САД, кои би биле потенцијални купувачи на должничките хартии од вредност што ќе ги издаде Македонија на меѓународниот финансиски пазар.

Со парите од оваа обврзница, Владата соопштува дека ќе се покрива буџетскиот дефицит за оваа и за следната година и ќе се рефинансираат старите долгови.

Македонија последен пат издаде еврообврзница во ноември 2015 година, кога се задолжи со 270 милиони евра со рок на доспевање од пет години со камата од 5,125 проценти.


СДСМ: Нов долг од 12,6 милиони евра на товар на граѓаните


Скопје, 6 јули, 2016 - 16:30 (META) 

Министерството за финансии денеска реализираше ново задолжување на товар на граѓаните во висина од 12,6 милиони евра, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека иако првично Министерството за финансии побаруваше 5,4 милиони евра на домашниот пазар на капитал, сепак новото задолжување што го реализира е поголемо за 2,3 пати од првично планираното.

– Денешното ново задолжување има цел да го дополни раздолжувањето утре, но и да натовари дополнителни 7,2 милиони евра нов долг. Денеска изостана исплатата на пензиите, па се поставува прашање за министерот за финансии, Кирил Миноски, дали e буџетот толку исцеден што и редовната исплата на пензии е загрозена, па се чека ново задолжување за да можат да им се исплатат пензиите на пензионерите во предвидениот рок? – се додава во соопштението на опозициската партија.


Се топат девизните резерви на Кина, но и понатаму се најголеми во светот


Пекинг, 7 март, 2016 - 14:23 (META) 

Девизните резерви на Кина во февруари годинава се намалиле за 28,75 долари, а минатата година се намалиле за 513 милијарда долари, што било најголем пад во историјата, пишува „Ројтерс“.

Минатиот месец кинеската влада применила доста административни мерки кои не успеале да го сопрат одливот на капитал.

Одливот на капитал од Кина е забрзан откако официјален Пекинг во август минатата година го девалвирал јуанот, но и по очекувањата дека американската управа за федерални резерви ќе ги зголеми каматните стапки.


Бугарски „Капитал“: Хан не е изваден од контекст, тоа ни го потврди и Коцијанчич


Скопје, 27 јануари, 2016 - 13:49 (META) 

Бугарскиот неделник „Капитал“ денеска за „Мета“ соопшти дека еврокомесарот Јоханес Хан не е изваден од контекст и оти веродостојно е пренесена неговата изјава.

– Изјавата на Хан е точно пренесена и не е извадена од контекст. Ја преслушав уште еднаш снимката и ги прегледав забелешките, а потоа и контактирав со портпаролката Маја Коцијанчич. Таа немаше никакви забелешки за интервјуто и ми соопшти дека истото веројатно е погрешно пренесено во македонските медиуми – изјави за „Мета“ Светломира Ѓурова, новинарката на бугарскиот магазин „Капитал“ што го правела интервјуто со еврокомесарот.

Ѓурова рече дека Хан во текот на интервјуто, кога зборувал за нашата држава, ги користел и двата термина, референцата, но и уставното име.

– Тоа е чувствително прашање. Интервјуто беше долго, па еврокомесарот ги користеше и двата термина – ни рече Ѓурова.

Коцијнчич вчера тврдеше дека бугарски „Капитал“ веројатно ја извадил од контекст изјавата на Хан и оти еврокомесарот останува на својата последна изјава дека се залага за консензуално решение од сите партии за датумот на изборите и да се обезбедат фер избори, во согласност со демократските стандарди.

„Мета“ се обиде денеска повторно да добие одговор од Коцијанчич за последните тврдења на „Капитал“, но наместо тоа добивме кратка порака во која се вели: „Ви кажавме кој е нашиот став“.

Еврокомесарот во интервјуто, објавено на 22 јануари, во делот за изборите изјави: „За нас одлучувачко е изборите да се спроведат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред“.


Коцијанчич за „Мета“: Бугарски „Капитал“ го извади Хан од контекст


Брисел, 26 јануари, 2016 - 18:11 (META) 

Портпаролката на еврокомесарот за добрососедска политика и за проширување, Маја Коцијанчич, денеска за „Мета“ појасни дека изјавата на Јоханес Хан за бугарскиот весник „Капитал“ е извадена од контекст.

– Верувам дека изјавата е извадена од контекст. Позицијата на комесарот останува иста како во последното негово соопштение – изјави Коцијанчич за „Мета“.

Бугарскиот весник „Капитал“ на 22 јануари објави интервју со еврокомесарот, во кое на прашањето за изборите во Македонија, Хан изјавил: „За нас одлучувачко е изборите да се спроведат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред“.

Еврокомесарот Хан на 18 јануари годинава соопшти дека се залага за консензуално решение од сите партии за датумот на изборите и да се обезбедат фер избори, во согласност со демократските стандарди.


Грчки Давос за привлекување странски инвестиции и конференциски туризам


Атина, 7 октомври, 2015 - 9:34 (META) 

Во трката по странски инвестиции, Грција размислува да уреди и да промовира остров специјализиран за конференции и за самити, еден вид грчки Давос. Идејата за вакво привлекување странски капитал и туристички интерес ја претстави грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Димитрис Мардас, при претставувањето на програмата на новата влада.

– Имаме одредено остров на филозофијата и уметноста, така го нарекуваме, и размислуваме да го пренамениме во своевиден летен Давос – истакна Мардас.

Идејата е овој остров да биде отворен за сите земји што би сакале таму да изградат свои објекти специфично за одржување и за развивање туризам на конгреси, самити, конференции и друго. Преку ова државата се надева да го засили и бројот на туристи, да ја стави Грција на мапата на конференција-туризамот како специфична туристичка гранка, како и да се обиде на овој начин да привлече странски инвеститори и да ја засиле довербата во Грција кај нив.

За да се привлечат повеќе странски инвестиции, според Мардас, владата ќе поработи на олеснување на процесот на инвестирање и на интегрирање на странските инвеститори, преку намалување на времето за одобрување странска инвестиција и бенефиции за странски инвеститори.

Паралелно со обидот да се привлечат нови странски инвестиции, кои се еден од клучните приоритети на владата, Грција ќе работи и на интензивирање на извозот на грчки производи во странство.

Грчката економија, според процените на министерството за финансии, нема да биде под толку голем притисок и удар како што прогнозираат меѓународните организации. Министерот за финансии, Евклидис Цакалотос, кој заедно со премиерот Алексис Ципрас летово го постигна договорот за нов грчки кредит, вели дека грчките финансиски анализи покажуваат дека последното тримесечје од 2015 нема да е толку лошо како што се очекуваше.

„Нашите прогнози за третото тримесечје се многу подобри од тие што ги имавме во август. Тоа го поттикна премиерот Алексис Ципрас да посочи дека можеме да имаме економски напредок и развој во втората половина на 2016 година“, истакна Цакалотос во говор пред грчките пратеници.

На полноќ вечерва се очекува да почне гласањето за доверба на новата влада на СИРИЗА и на Независни Грци по тридневната дискусија и претставување на владината програма и на приоритетите. Процените се дека владата нема да добие ниту еден глас плус од тие 155 што ги има од пратениците на СИРИЗА и на Независни Грци. Опозициските партии, како ПАСОК, Нова демократија и Река, најавија дека не планираат да ги поддржат владата и нејзината програма, но кога ќе дојде време на свој начин ќе дадат глас за поддршка на клучните прашања, како приватизацијата, европската перспектива и финансиската стабилноста на државата, како и спроведувањето реформи договорени со кредиторите за да не се загрози европската иднина на Грција.