Владата во Собранието го испрати предлог законот за измени и дополнувања на Законот за трговските друштва со кои се овозможува основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од едно евро.

Измените се наменети за граѓаните кои имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал, за да отпочнат сопствен бизнис.

Со предлог законот се воведува нов тип друштво со ограничена одговорност, кој го носи насловот „Поедноставено друштво со ограничена одговорност-ПДОО“.

„Друштвото може да има најмногу до тројца основачи-физички лица, од кои еден е управител, односно член на органот на управување. Со оглед на тоа што станува збор за друштво со основна главнина од едно евро, се предлага воведување посебен режим за финансиско работење во однос на располагање со добивката, како и обезбедување и располагање со задолжителната резерва на друштвото“, пишува во предлог-законот.

Во него се вели дека со примената на новите одредби се очекува и намалување на сивата економија во државата.