Запален автомобилот на таткото на пратеникот Хари Локвенец


Прилеп, 18 јуни, 2018 - 10:43 (META) 

Засега непознат сторител вчеравечер го опожарил автомобилот „мини купер“ со прилепски регистарски таблички, кој бил во сопственост на таткото на пратеникот Хари Локвенец.

Според билтенот на МВР, случајот во полиција вчера во 23.05 часот го пријавил пратеникот, кој вчера беше на потпишувањето на Спогодбата со Грција за решавање на спорот за името на брегот на Преспанското Езеро.


И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ подготвуваат амандмани за законот за јазиците


Скопје, 13 ноември, 2017 - 17:51 (META) 

Реплицирајќи му на својот колега Владимир Ѓорчев, пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец во расправата на собраниската седница за законот за употреба на јазиците, кажа оти СДСМ подготвува амандмани за законот, за тој да биде функционален и во склад со Уставот, а слушнал дека и ВМРО-ДПМНЕ тоа го прави.

Локвенец посочи дека со законот за јазиците, намерата е да се затвори еден корпус прашања почнати со Охридскиот рамковен договор пред 16 години и реагираше на бројните обраќање и реплики и контрареплики на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во кои се наведуваше „давање права“.

– Ми пречи кога, не во вашата дискусија, туку во дискусии на колеги, се вели дека ние сме дале некому некакво право. Не станува збор за давање, туку за нешто што им следува на граѓаните – рече Локвенец.

Со таква содржина главно беа и репликите од другите пратеници од СДСМ кои говореа за потребата од донесувањето на овој закон заради градење мултиетничко и мултикултурно општество, по европски урнек.

Пратеникот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече оти му е јасно дека законот се носи само поради политичкиот договор на, како што ја нарече „вештачката коалиција“ која е на власт.

Јагода Шахпаска од СДСМ рече дека се срами пред своите деца што цели 11 години, додека на власт била ВМРО-ДПМНЕ, како што рече се живеело со блокирани патишта кон ЕУ и НАТО.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ спореа повеќе пати за процедурата за носење на законот, а  ставот на пратениците на СДСМ е дека законот има европско знаменце поради усогласувањето со европските стандарди за човековите права.

Претседателот Џафери ја прекина расправата во 17.45 минути и нејзиното продолжение го најави за утре во 12 часот.


Пратениците ја усвоија завршната сметка за буџетот за 2015 година


Скопје, 6 јули, 2016 - 15:04 (META) 

Собранието ја усвои завршната сметка на буџетот на Македонија за 2015 година.

Според министерот за финансии, Кирил Миноски, „остварен е пораст повисок од предвидениот, извозот бележи пораст во однос на увозот, а стапката на невработеност е намалена на најниско ниво досега, односно на 24,6 проценти.“

Пратениците ја усвоија завршната сметка за буџетот без присуство на опозицијата.

Пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, на денешната прес-конференција во Собранието, изјави дека завршната сметка на буџетот е само уште еден доказ за лошото, недомаќинско планирање и реализирање на фискалните политики и за лошите економски политики на власта во 2015 година.

Тој рече дека и со овој буџет, како и со сите претходни од 2008 година, Владата ги задолжила граѓаните и стопанството за нови 320 милиони евра само врз основа на дефицити на буџетите.


Локвенец: Владата не сака да штеди на своето чоколадо, туку на лебот на грѓаните


Скопје, 6 јули, 2016 - 13:57 (META) 

Завршната сметка на буџетот на Р.Македонија е само уште еден доказ за лошото, недомаќинско планирање и реализирање на фискалните и за лошите економски политики на власта во 2015 година, обвини пратеникот Хари Локвенец, на денешната прес-конференција во Собранието.

Тој рече дека и со овој буџет, како и со сите претходни од 2008 година, Владата ги задолжила граѓаните и стопанството за нови 320 милиони евра само врз основа на дефицити на буџетите.

– Од 2008 година до денес, Владата создала нов долг од неверојатни 1.870.000.000 евра, доведувајќи го јавниот долг во 2015 година на историски највисоко ниво во изминативе 25 години од 46,5 отсто од домашниот бруто-производ (БДП). Ваквото живеење на кредит и во 2015 година се должи на неспособноста на оваа влада дури и во годината кога порастот на БДП е повисок од планираниот, (планиран 3,5 отсто, а остварен 3,7 отсто) да не може да ги реализира планираните приходи. Така, кај вкупните приходи Владата има потфрлување за цели 93 милиони евра, при што најголемо потфрлање има кај данокот на додадена вредност од 46 милиони евра. Данокот на додадена вредност е данок на потрошувачка и кога има вакво потфрлање од 46 милиони евра, тоа е јасен сигнал и индикатор дека и граѓаните и стопанството помалку трошеле затоа што имале помалку пари – рече Локвенец.

Пратеникот на опозицијата додаде дека потфрлање во реализацијата на буџетот за 2015 година има и кај расходите, односно кај тековните расходи има потфрлување за 45 милиони евра.

– Најзагрижувачко е потфрлањето кај капиталните расходи за цели 58 милиони евра. Потфрлување има кај инвестициите клучни за граѓаните и за развојот. Се бележи потфрлање кај инвестициите во железничка инфраструктура од девет милиони евра, кај водоснабдувањето и кај одведувањето на отпадни води за 5,7 милиони евра, кај изградбата на нов клинички центар во Штип од 2,7 милиони евра и кај инвестициите во изградба на основни училишта за 880.000 евра. Особено лошо е потфрлањето во ставката финансиска поддршка на земјоделството и на руралниот развој од 14,7 милиони евра и тоа во година кога земјоделците се соочуваа со проблемите од болеста јазлеста кожа и со ниските откупни цени – изјави Локвенец, додавајќи дека ако Владата во целост ги релизирала субвенциите за земјоделците, дел од нивните проблеми немаше во толкава мера да ескалирааат и да ги доведат до работ на преживување.

Тој рече дека СДСМ не ја поддржува завршната сметка за 2015 година и дека таа е само е уште еден доказ дека „власта во заминување не сака да штеди на своето чоколадо, туку сака да штеди само на лебот на граѓаните“.