ОЈО: Се уште нема осомничен за тројното убиство во Дебар


Гостивар, 27 август, 2018 - 15:00 (META) 

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар издал наредба за обдукција на тричленото семејство – маж, жена и нивната 14-годишна ќерка кои беа убиени во Дебар. Обвинителот издал и наредба за вештачење на сите траги и материјални докази пронајдени на лице место, информираат од ОЈО.

„По наредба на јавниот обвинител беа земени парафински ракавици и беше извршен претрес во домовите на неколку лица со кои жртвите во последниот период поинтензивно контактирале, но се уште нема осомничен извршител на кривичното дело. Дополнително, ќе бидат детално сослушани сите лица кои ги познавале жртвите и кои би можеле да помогнат за расветлување на случајот“, велат од ОЈО.


Рускоска: Нарачателите за 27 април ќе бидат обвинети кога ќе има цврсти докази


Скопје, 23 август, 2018 - 11:27 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска ќе продолжи судскиот процес за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Вчера, на првото рочиште, воведни говори имаа обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на дел од обвинетите.

Во случајот обвинети се триесет и три лица, од кои триесет и едно од обвинетите одговараат за „тероризам“, додека две за „помагање“.

-Триесет и шест сведоци и многу материјални докази, телевизиски снимки, како и снимки од камери од институции, ќе ја докажуваат вината на обвинетите од настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија – изјави вчера обвинителката Рускоска по првото рочиште.

Таа рече дека засега само за овие обвинети имаат цврсти докази, но не исклучи и нови обвиненија доколку се обезбедат други докази.

– Кога ќе имаме цврсти докази за организаторите или нарачателите, тогаш и тие ќе бидат обвинети – рече Рускоска.

Прашана дали има потреба од обезбедување за неа, обвинителката рече дека до сега немала потреба од такво нешто и оти нема намера да побара бидејќи нема никакви закани кон нејзе.

Во воведните зборови попладнево Рускоска истакна дека нападите во Собранието ќе останат длабоко врежани во историјата на Македонија. Според неа, напаѓачите, кои се обвинети, биле предводени од Александар Василевски-Нинџа и Никола Митровски-Кољо.

Таа смета дека одговорните во полицијата во тој период се поставиле на страна на напаѓачите, а биле помогнати од пратениците кои ги отвориле вратите во Собранието и водачите на „За заедничка Македонија“, кои имале задача со потпалувачки говори да ја повикаат масата кон Собранието.

Предметот го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска, која веќе закажа вкупно 37 термини за главна расправа.


Судот го прифати обвинението за настаните во Собранието од 27 април


Скопје, 22 јуни, 2018 - 14:48 (META) 

Кривичниот суд соопшти дека е прифатен обвинителниот акт поднесен од Јавното обвинителство за настаните во Собранието на 27 април минатата година.

„Советот за оценка на обвинителен акт при одделението за гонење организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи во оценка на обвинителниот акт со КОК ООА 10/18 повезан со настаните од 27 април 2017 год. кои се случија во Собранието на Р.Македонија, одржа не јавна седница за оценка. По детелно разгледување на сите приговори поднесени од одбраната и обвинетите како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт донесе решение со кое го одобри обвинителниот акт во целост“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.

Откако ќе биде формиран кривичен предмет по обвинителниот акт и согласно АКМИС системот распределен на понатамошно постапување, ќе биде закажан термин за главна расправа.

Јавното обвинителство на РМ на 27 март поднесе поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.


Спасовски: Во МВР имало група која по нарачка бришела траги и докази


Скопје, 27 април, 2018 - 15:41 (META) 

Во МВР постоела група која бришела траги и докази, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на дебатата „Омбудсманот меѓу специјалните надлежности и капацитетите:Надворешна граѓанска контрола врз работата на полицијата“.

– Во МВР постоела група која била задолжена за бришење на трагите, по нарачка и потреба. Група која била политички окупирана, пред се, од високо позиционирани функционери во министерството и затоа ни се случува да имаме случаи за кои не можеме да најдеме докази и да дојдеме до релевантни сознанија бидејќи доказите или ги нема или повеќе не се такви како во време на извршувањето на кривичното дело – вели Спасовски.

Тој информираше дека во изминатите десет месеци, во МВР биле покренати кривични постапки против 33 лица за сторени 36 кривични дела меѓу кои и за злоупотреба на службената положба, за изнуда и за насилство. Дисциплински постапки се поднеле против 291 лице, вработено во МВР.

Со измените на Законот за Народниот правобранител што беше донесен во Собранието во февруари годинава, надзорна контрола врз полицијата треба да има Омбудсманот, а во обвинителството и во судот да бидат формирани специјализирани одделенија за гонење на полициски службеници за незаконско работење и прекумерна употреба на сила.

Универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев вели дека не е избран најдобриот модел и изрази револт поради тоа што како што наведе моделот бил избран на затворен состанок во МВР, на идентичен начин како што тоа било сторено со моделот за следење на комуникации.

– Иако ова многу квалитетно го отворивме како прашање, го затворивме многу набрзина со пропусти во законските решенија – рече Калајџиев.

Тој истакна дека во моделот за надворешна контрола на полицијата фокусот е ставен пред се на тешките повреди, додека, од друга страна со системот на надзор ќе останат нечепнати случаите со полицијата со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.

– Пајак службата е рекет систем за полнење на буџетот. Не може да се крене едно возило освен во случаи кога суштински го блокира сообраќајот – рече Калајџиев.


Заев вели дека во ПИ-мерките немало поткуп, судењето продолжува на 30 април


Скопје, 16 април, 2018 - 15:10 (META) 

На денешното двочасовно рочиште за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, без присуство на јавноста, во Кривичниот суд беа преслушани сите разговори обезбедени со Посебни истражни мерки (ПИМ) и беа прочитани и СМС-пораките.

По завршувањето на рочиштето Заев рече дека ниту во разговорите ниту пак во СМС-пораките немало договарање поткуп.

– Апсолутно нема ништо што е поврзано со обидите за да бидам осомничен како лице кое земало поткуп или правело напори да земе поткуп. Во сите овие разговори зборуваме со службеници од општина Струмица, како и со Иван Николов за да се забрзаат постапките, како течат постапките со сите процедури и конечната цел е да се заврши работата која што странката ја има пред општината – рече Заев.

Посочи дека знаел какви може да бидат разговорите и оти сè е комплетно чисто.

– Комплетно е чисто. Јас и знаев какви може да бидат разговорите, заради тоа кога немате ништо ни помислено, не можат да бидат и други разговорите. Доказ е дека одредени предмети веќе се завршени и во тој период никој не побарал ниту пари, ниту било што и тоа само по себе потврдува дека се работи за монтиран процес – додаде премиерот.

Адвокатите на Заев рекоа дека Апелацискиот суд сè уште нема донесено одлука по жалбата на Обвинителството и не се знае дали јавноста ќе може да ја слуша и да ја види целосната снимка, чии делови веќе беа објавени на каналот „Јутјуб“ и која е доказ во оваа постапка.

Следното рочиште за случајот „Поткуп“ е закажано за 30 април.

Зоран Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев побарал поткуп од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.


Апелација дозволи „бомбите“ да се користат како докази во „Тортура“


Скопје, 29 ноември, 2017 - 13:07 (META) 

Апелацискиот суд денеска на јавна седница донесе одлука дека прислушуваните материјали во предметот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, можат да се користат како докази.

„Тортура“ се однесува на случајот со апсењето на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а второобвинет е поранешниот командант на „Алфите“, Ивица Антевски-Пуки.

Обвинетите се товарат за мачење и за друго сурово, нечовечко постапување и казнување.


СЈО со 1.560 докази ќе ја докажува вината на Кочан и на другите во „Труст“


Скопје, 23 ноември, 2017 - 16:22 (META) 

Специјалното јавно обвинителство на денешното рочиште од судскиот процес „Труст“ презентираше вкупно 1.560 докази, наведени на 81 страница, против бизнисменот Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, обвинети во случајот.

Меѓу доказите, кои беа изведени на денешната расправа, се и три прислушувани разговори, од кои еден меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, и два необјавени разговори меѓу поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и Чингоски.

Судијката, Лидија Зимбовска, го одби барањето на адвокатите на одбраната прислушуваните разговори да не бидат дел од доказите, а го прифати предлогот цедето со обработени банкарски сметки да не биде доказ во постапката.

Меѓу доказите од листата на СЈО е целокупната документација поднесена за тендерот на ЕЛЕМ, документи од РЕК Битола, целокупната механизација на „Трансмет“, вештачења, договори, уплати и книговодствена евиденција.

Инаку, денешното рочиште продолжи по двочасовна пауза, откако адвокатите на одбраната реагираа дека дека во листата што ја добиле од обвинителството, доказите не се нумерирани и не можат да го следат обвинителот за кои докази зборува. Судијката Зимбовска даде пауза, за СЈО повторно да ја испечати листата со докази, овојпат со редни броеви.

Следното рочиште за „Труст“ ќе се одржи на 30 ноември, кога како сведок треба да биде сослушан управителот на „Силекс неметали“, Васил Ристовски.

СЈО во случајот „Труст“ ги товари Кочан, Авировиќ и Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.


Груевски му се пожалил на Хан дека СЈО користи незаконски стекнати материјали


Скопје, 21 ноември, 2017 - 9:59 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вчерашната средба му посочил на еврокомесарот за проширување и за соседска политика Јоханес Хан, дека опозицијата не е вклучена во реформските процеси и дека освен барањето јавна поддршка, нема суштинско вклучување во процесот на изработување на реформите.

Груевски, се вели во партиското соопштение, истакнал дека има политички притисок врз судството, кој создава страв кај судиите и судските власти.

„Тој го информираше комесарот Хан за повеќе случаи за нарушување на судските правила и постапки, како и за барањето на СЈО за употреба на незаконски стекнати материјали во судските процеси, што укажува на недостиг од постоење на фактички докази и на прибегнување кон незаконски методи. Членот 12 од Законот за кривична постапка јасно и недвосмислено пишува дека нелегално стекнати аудио и видеоматеријали не можат да бидат доказ во судска постапка ниту, пак, од нив да се изведуваат докази“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски му посочил на Хан дека на локалните избори имало бројни неправилности, случаи на поткуп, бугарски воз, притисоци, уцени и закани, како и политички мотивирани кривични пријави врз градоначалници без правна основа.


Одложено судењето за „Труст“ бидејќи одбраната не ја добила листата на докази


Скопје, 7 ноември, 2017 - 11:14 (META) 

Почетокот на главната расправа од судењето за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство, кое требаше да се одржи денеска, се одложи бидејќи адвокатите на обвинетите, меѓу кои и сопственикот на телевизија „Нова“, Сеад Кочан, со обвинителниот акт не ја добиле листата со докази што ги предлага СЈО.

На рочиштето беа присутни тројцата обвинети, Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, и претставници на обвинетите фирми „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“.

Адвокатката на Авировиќ, Сања Алексиќ, побара од судот да го задолжи СЈО да им ја достави листата на докази бидејќи, како што рече, без неа одбраната е оневозможена да достави своја листа на докази.

Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, пред судот изјави дека во прилог на обвинителниот акт се поднесени сите потребни списи и документи, вклучително и листата на докази и додаде дека не може да каже дали Советот за оценка на обвинителниот акт ги доставил до обвинетите и до одбраната заедно.

Судијката Лидија Зимбовска, по проверката во списите од предметот, констатираше дека листата на докази е доставена со обвинителниот акт, но според доставниците, произлегува дека листата на докази најверојатно не доставена до одбраната.

Обвинителите на СЈО, Бубевски и Артан Ајро, на самото рочиште во електронска форма им ги префрлија доказите на адвокатите кои побараа дополнително време за да можат да извршат увид и ако е потребно да предложат своја листа.

Следното рочиште Зимовска го закажа за 14 ноември и одреди динамика на одржување на наредните рочишта, односно тие да бидат секој вторник и четврток во месецот.


Нема докази дека Русија се вмешала во изборите во Велика Британија, смета Џонсон


Лонодон, 1 ноември, 2017 - 20:11 (META) 

Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, денеска изјави дека нема докази дека Русија се мешала во изборите во Велика Британија.

„Не видов никакви докази. Колку што знам, Русија немаше никаква улога“, одговорил Џонсон на новинарско прашање во врска со улогата на Русија во британските избори.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, неодамна ја обвини Русија дека се меша во изборите на другите земји за да ја поткопа нивната демократија.