!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тинејџерка во Тетовско паднала од автобус и добила скршеница на черепот


Тетово, 12 септември, 2017 - 12:48 (META) 

Скршеница на черепот добила 17-годишна девојка од селото Боговиње вчера попладне, откако паднала од автобус во движење, соопшти СВР Тетово.

Девојката била донесена вчера, во 15.20 часот, во Клиничката болница – Тетово, при што лекарите утврдиле фрактура на черепот. Потоа поради тежината на повредите е пренесена во Ургентен центар во Скопје.

Случајот во полиција го пријавил возачот на автобусот околу половина час откако девојката била однесена во тетовската болница. Полицијата и јавен обвинител работат на утврдување на околностите.


Извлечена девојката која падна во провалија на Галичица


Охрид, 27 ноември, 2016 - 19:44 (META) 

Девојка на 21 година, жителка на туристичката населба Пештани, која со друштво била на рекреативно планинарење на планината Галичица, паднала денеска во провалија, при што добила скршеници на раката и други повреди.

Девојката е сместена во Општата болница во Охрид, каде ѝ се санирани повредите и е подложена на детални испитувања.

Девојката останала подолго време во провалијата, а е извлечена вечерва нешто пред 18 часот, од страна на спасувачки екипи.

Во акцијата учествувале екипи на Црвениот крст, противпожарните служби, како и нејзини блиски роднини. Откако била извлечена, девојката е транспортирана до Охрид со возило на брза помош.

Постапката била отежната поради непристапниот терен и слабата видливост.


Исчезна 17-годишна девојка од струшко Корошишта


Охрид, 23 ноември, 2016 - 18:31 (META) 

Исчезнала 17-годишна девојка од струшкото село Корошишта, а случајот во СВР Струга го пријавил жител од селото Делогожда.

Девојката се упатила во непознат правец од домот на нејзиниот дедо.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на лицето.


Се обиделе да киднапираат девојка


Тетово, 6 ноември, 2016 - 12:24 (META) 

Дваесет и осум годишен гостиварец синоќа, околу 23.40 часот, пријавил дека С. Д. од тетовското село Жеровјане ја киднапирал 23-годишната А.А.

Насилникот, заедно со друг маж кој возел патничко моторно возило, под закана дека наводно има пиштол, ја извлекол девојката од возилото „опел астра“ во кое таа била со гостиварецет.

С.Д. влегол во возилото, ја удрил жената по лице, заканувајќи ѝ се дека ќе ја однесе во шумата.

Во 23.50 часот, во село Чајле, од страна на патрола од полициски службеници биле пронајдени насилникот и девојката. С.Д. е приведен и задржан во полиција, информира МВР.


Исчезната 19-годишна охриѓанка била сексуално малтретирана


Охрид, 22 мај, 2016 - 17:10 (META) 

Деветнаесетгодишната охриѓанка, која на 19 мај беше пријавена за исчезната, била пронајдена два дена подоцна во Охрид. Како што информираат од полицијата, таа била сексуално малтретирана од две лица, албанскиот државјанин А.Ч.(30) и К.К.(51) од Кичево.

Полициската станица од Кичево на двајцата им поднела кривична пријава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело обљуба врз немоќно лице.

Потрагата по девојката, која е душевно болно лице, била водена во координација со Јавното обвинителство во Охрид.

Врз оштетената бил извршен медицински преглед, а полицијата  извршила претреси во автомобил и во домовите на осомничените.

„При претресите извршени по наредба на Основниот суд во Кичево, во домот на пријавениот К.К. пронајдени се предмети битни за понатамошната кривична постапка. Истите, со соодветна потврда се привремено одземени и испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје“, информираат од МВР.


Се трага по 19 годишна девојка од Охрид


Охрид, 20 мај, 2016 - 13:57 (META) 

Охриѓанецот Н.Н. на 49 години, вчера во полициската станица во Охрид, пријавил дека е исчезната неговата 19-годишна ќерка Т.Н.

Ја нема од 18 овој месец, околу 20 часот, кога од нивниот дом се оддалечила во непознат правец.

Од СВР од Охрид преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


Обвинителството апелира да не се шпекулира за смртта на девојката од Аеродром


Скопје, 11 март, 2016 - 13:54 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје апелира да не се изнесуваат шпекулации во јавноста во врска со смртта на девојката од Аеродром, а по утврдувањето на нови релевантни околности, Обвинителството дополнително ќе излезе со информации.

Од ОЈО информираат дека очекуваат МВР да им ги достави комплетните податоци од спроведените полициски истраги и прибраните известувања од сите граѓани кои имале сознанија за овој настан, а со кои бил извршен информативен разговор, како и од оние разговори што дополнително ќе бидат спроведени во МВР во делот на предистражната постапка.

Вчера, додаваат од Обвинителството, биле земени материјални траги и од такси-возилото во кое била девојката пред нејзината смрт. Тие, по наредба на ОЈО, ќе бидат анализирани од Одделот за криминалистичка техника на МВР заради утврдување траги од ДНК.

„Овој чекор е преземен во насока на откривање и обезбедување материјални докази за постоење на евентуално кривично дело и обезбедување траги кои потекнуваат од предметниот настан, а кои ќе може да се користат како материјални докази во текот на постапката. Исто така, се очекуваат комплетните резултати од Институтот на судска медицина и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет кои постапуваат по дадени наредби од страна на ОЈО Скопје“, информираат од јавното обвинителство.


Обвинителството ја истражува смртта на девојката од Аеродром, нема траги од силување


Скопје, 10 март, 2016 - 19:39 (META) 

Скопското основно јавно обвинителство почнало прелиминарна истрага за смртта на девојката во населбата Аеродром, која почина по пад од висококатница, соопшти доцна попладнево Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, била наредена обдукација на телото на девојката во Институтот за судска медицина и за медицинска деонтологија, која треба да ја утврди конкретната причина за смртта, како и дополнително медицинско вештачење за да се провери дали има траги кои упатуваат на тоа дека девојката била жртва на силување.

„Според првичните резултати добиени од Институтот, произлезе дека кај сега покојната девојка не се констатирани траги на насилен сексуален однос“, стои во соопштението на Обвинителството.

Оттаму информираат дека полицијата извршила разговори со повеќе лица, меѓу кои и мајката на девојката, која пред надлежните полициски службеници навела дека настанот не бил пријавен во полиција затоа што во ниту еден момент претходно, од страна на нејзината ќерка не ѝ било кажано дека таа била жртва на насилен сексуален акт.

Од Обвинителството додаваат дека продолжуваат со преземање дејства за расветлување на случајот.


Исчезна 19-годишна скопјанка


Скопје, 26 декември, 2015 - 15:16 (META) 

Вчера во 13.30 часот во полициската станица Бит Пазар, 48-годишниот З.М. од Скопје, пријавил дека на 24 декември 2015 година, околу 8 часот, си заминала од семејната куќа неговата ќерка, 19-годишната А.М., и не се вратила.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


За убиството на младиот радовишанец осомничен негов братучед


Радовиш, 9 ноември, 2015 - 16:49 (META) 

Полицијата го расчистила убиството на 26-годишниот Јашар Р., чие безживотно тело во четвртокот минатата недела беше пронајдено во куќа во Радовиш, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Кривична пријава е поднесена против Д.С. (28) од Прилеп, братучед на убиениот, кому судија на претходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.

Според МВР, убиството се случило минатиот понеделник (2 ноември), а причина било тоа што Јашар Р. ѝ се додворувал на девојката на својот братучед, со која тој бил кај него на гости.

„Околу 21 часот, пријавениот излегол до продавница, а за тоа време Јашар Р. ѝ изјавил љубов на П.Ј., но бидејќи таа го одбила, ја удрил во пределот на главата. Пријавениот, враќајќи се од продавница, ја слушнал расправијата помеѓу Јашар Р. и П.Ј., по што почнал расправија со сега починатиот, која подоцна преминала во физичка пресметка. Кога настанала физичката пресметка, П.Ј. отишла во ходникот, бидејќи пријавениот ѝ кажал да се потргне, и во еден момент видела како Јашар Р. паднал на земја, додека пријавениот со клоци удирал по него, а потоа го притиснал со нога на вратот. По настанот, Д.С. и П.Ј. излегле од куќата, пријавениот ја заклучил влезната врата и заминале за Прилеп“, стои во соопштението на МВР.