Странски државјанки приведени при претрес на локал во гостиварско Чегране

Три странски државјанки, кои илегално работеле како пејачки, биле затекнати од екипа на гостиварската полиција која ноќеска извршила претрес во угостителскиот објект „Експорт – импорт“, во селото Чегране, сопственост на 32-годишен жител на селото.

Како што информираат од полицијата, две од странските државјанки биле од Косово и една од Албанија, на возраст од 30, 33 и 34 години. Во локалот биле затекнати и две девојки од Тетово и од Скопје, на возраст од 22, односно 33 години, кои биле пуштени, откако им бил утврден идентитетот.

Странските државјанки биле приведени и задржани во полициската станица во Гостивар, а денес, како што информираат од таму ќе бидат предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија.