Стотици лица евакуирани поради ерупција на вулканот Колима

Повеќе стотици лица се евакуирани по ерупцијата на вулканот Колима, 450 километри западно од главниот град на Мексико, а според првичните информации, тоа би можело да биде најсилната ерупција во последните стотина години.

Поради пепелот кој излегувал од вулканот и го прекрил околното подрачје, затворен е и аеродромот во Колима.

Геофизичарите оцениле дека оваа ерупција е „нетипична“ и оти потсетува на ерупцијата од 1913 година, која била најсилна досега. Вулканот би можел, како што појаснуваат експертите, да продолжи да исфрла лава и пепел, а во наредните недели, да изгуби сила и да се смири. Сепак, исто така, би можел да експлодира со јачина каква што не е забележана во последните 100 години.