Специјална работна група која ќе нуди решенија и мерки за „Скопје 2014“

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, вчера формирал работна група за изработка на анализа за реализацијата и последиците од т.н. „Проект Скопје 2014“, соопшти денеска кабинетот на министерот.

Работната група е составена од професорот по архитектура, Мирослав Грчев, кој ќе биде и координатор на групата, политиколог и комуниколог Никола Наумоски, архитектот Мартин Пановски, историчарката на уметност и конзерваторка Донка Барџиева и ликовниот критичар и советник – куратор Златко Теодосиевски.

Работната група со анализата ќе изврши евалуација на сите аспекти од проектот во надлежност на Министерството за култура и ќе даде предлог за можни решенија и мерки за реализација на активности во наредниот период.

На првиот состанок, членовите на работната група констатираа дека најнапред ќе биде потребно да извршат инвентаризација на сите објекти од т.н. „Проект Скопје 2014“, која ќе биде составен дел од анализата. Членовите, исто така, констатираа дека ќе биде потребно формирање на специјализирани подгрупи, составени од докажани професионалци од повеќе сфери релевантни за анализата, а коишто ќе третираат различни аспекти на „Скопје 2014“.