Собранието ќе расправа за одговорност за поплавите

Собранието го прифати барањето на пратениците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за надзорна расправа во врска со одговорноста за хаосот со поплавите, соопштија од СДСМ.

„Граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината за ужасот од поплавата. Потфрлувањето на институциите е најголема причина за големите последици од поплавата. Одговорностите лежат во Владата на Република Македонија, министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство, транспорт и врски, внатрешни работи, животна средина и просторно планирање, но и во јавниот медиумски сервис“, стои во соопштението.

Од партијата наведуваат дека институции работеле спротивно на законите во областа на хидрометеорологија и заштита од поплави и за тоа мора да се бара одговорност за последиците од поплавата.

Датумот на собраниската седница, како што соопшти претседателот на Собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Панче Орцев, дополнително ќе биде одреден на координации.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот за дебата во Собранието, но истакна дека СДСМ се обидува преку поплавата да добие евтини политички поени.