СЕММ: Порталите се најчеста мета за жалби за неетичко известување


       
Скопје, 29 март, 2018 - 14:24 (META) 

Статистиката, од Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите (СЕММ) покажува дека, во периодот од 2014 до 2017 година, најголем дел од жалбите за неетичко известување на медиумите – 79 проценти – се однесувале на интернет порталите. Потоа следуваат телевизиите со 12,6 отсто, весниците и неделниците 8 отсто и новинските агенции 0,5 отсто.

Најмногу жалби, 59, поднеле организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 51 се дело на јавни функционери, јавни институции и партии, 55 дошле од медиуми и новинари и 49 се водат во категоријата „други“.

Вкупниот број на донесени одлуки од страна на СЕММ е 214, од кои, во 175 е прекршен Кодексот на новинарите и изречена е морална санкција.

Во 28 одлуки жалбите биле неосновани, а 11 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување на страните.

Овие бројки официјално ќе бидат презентирани на утре на Годишното собрание на СЕММ.