Се зголемува откупот и продажбата на земјоделски производи

Откупот и продажбата на земјоделски производи во четвртото тримесечје од 2016 година се зголемени за 39,3 проценти во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители има зголемување за 65,4 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство намалување за 2,9 проценти.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи има кај индустриските, градинарските и фуражните растенија, овошјето, добитокот, живината и јајцата и млечните производи, а намалување кај житата, грозјето, алкохолните пијалаци, млекото и рибата.