СДСМ: Законот за јазиците е уставен, реакциите на ВМРО-ДПМНЕ се кукавички и неосновани

Измените на Законот за употреба на јазиците, што Собранието ги усвои денеска, се во согласност со Уставот на Република Македонија и амандманот 5, донесен пред 17 години, велат од СДСМ.

Со усвоените измени, додаваат од партијата, не се загрозува уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територијата, како и во меѓународните односи, а се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија.

Од владејачката партија ги оценуваат како „кукавички и неосновани“ реакциите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку имаше било какви аргументи за лажните тврдења, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можеа да присуствуваат и да ги бранат на денешната собраниската седница, наместо да бегаат. Останува фактот дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нема капацитет да ги надмине политиките на создавање вештачки поделби меѓу граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.