СДСМ: И „Економист“ предупредува дека Македонија е на пат кон авторитарен режим

„Македонија е на пат да стане авторитарен режим со власта во заминување на Никола Груевски, од каде што почнале проблемите. По организацијата „Фридом хаус“, ваква оценка стига и од светски почитуваниот медиум „Економист интелеџенс јунит“ (Economist Intelligence Unit)“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека „во 2006 година кога Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт, Македонија била рангирана како демократска земја со некакви недостатоци, а десет години подоцна, во 2016, „Економист“ ја рангира Македонија во хибриден режим“.

„Македонија бележи пад во сите категории на функционално демократско владеење и граѓански слободи. Најниско стои на полето на функционалност на власта и политичка култура. Дури и Уганда и Танзанија се подобри од Македонија по овие параметри. Под хибриден режим „Економист“ подразбира земји каде што постојат изборни неправилности, владата прави притисоци на политичките опоненти, нема независно судство, распространета е корупцијата, има притисоци врз медиумите, нема владеење на правото, има неразвиена политичка култура и постојат проблеми во севкупното владеење“, се додава во соопштението на СДСМ.