Ренци: Терористите доаѓаат во Европа со авиони, а не со чамци

Италијанскиот премиер Матео Ренци изјави дека нема основа за поврзување на борбата против тероризмот со политиката што се однесува на миграцијата.

Ренци рече дека терористите што стигнале во Европа не дошле со чамци, туку со удобни авиони.
Тој рече дека екстремизмот во европските градови не се создава во бегалските кампови, туку во затворите.

На самитот на светските лидери во Обединетите нации за бегалците и за мигрантите, претходно беше усвоена Декларација за заштита на човековите права без разлика на статусот. Тоа е првпат Генералното собрание на ОН да организира самит на лидери за големото движење на мигрантите и на бегалците во светот.

На средбата учествуваат шефови на држави и на влади, министри, лидери од ОН, цивилното општество, приватниот сектор, меѓународните безбедносни агенции и од академии.

На маргините на Генералното собрание на ОН, американскиот претседател Барак Обама ќе биде домаќин на самитот.

Во ОН велат дека самитот претставува напредок во обидите за решавање на горливото прашање на денешницата.

Генералната дебата во Генералното собрание на ОН, во која учествуваат шефови на влади и на држави членки на ОН, трае од 20 до 26 септември.