!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да ги објавуваат заканите од сопартијците лојални на Груевски


       
Скопје, 19 септември, 2017 - 16:41 (META) 

Иницијативата за внатрепартиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ од денеска ја почна акцијата „Ѕид на срамот“. Како што соопштија од иницијативата, почнуваат со објавување на имињата на членовите на ВМРО-ДПМНЕ лојални на Никола Груевски и притисокот и заканите што ги вршат врз останатото членство на партијата, кое бара реформи и промена на раководството.

Први на „Ѕидот на срамот“ се најдоа претседателот на општинскиот комитет на партијата во Бутел, Дарко Костовски, и директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Александар Атанасов, кои, како што тврдат од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, се закануваат со физичко и со вербално насилство врз членовите на партијата доколку активно не се вклучат во поддршка на кампања за избор на градоначалник во Бутел.

„Заканите одат дотаму што веќе се прават списоци со членови на ВМРО-ДПМНЕ, инаку поддржувачи на реформите, кои се вработени во ЈП „Водовод и канализација“ и кои треба прераспределени на пониски позиции во претпријатието. Практиката на притисоци и закани за поддршка на паријата и кандидатите во кампањата нема да бидат дел од ВМРО-ДПМНЕ и јавно го осудуваме овој начин на дејствување на Дарко Костовски и на Александар Атанасов… Ќе ги објавуваме имињата на сите оние кои ќе се дрзнат да работат спротивно на идеалите на ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.